Од утре забрана во грчките ресторани за невакцинирани

by Fokus

Во рамки на најновиот сет мерки за спречување на ширењето на четвртиот бран на коронавирусот, грчката влада од утре им забранува влез во рестораните, кафулињата, баровите и угостителските објекти од затворен тип на лицата кои не се вакцинирани. Пополнетоста на овие објекти не смее да надминува 85 проценти од нивниот капацитет.

Оваа забрана ќе трае до 1 септември а лицата кои немаат примено вакцина нема да можат да посетуваат ниту театар и кино, а за нив ќе бидат затворени и фитнес клубовите и местата за забава.

На сопствениците на ресторани и локали кои имаат летна тераса им е дадена можност самите да решат дали ќе примаат само вакцинирани гости или својата услуга на отворено ќе им ја нудат и на гости кои не се имунизирани. Но, според дополнителните правила за забавните и рекреативните објекти од отворен тип, може да бидат услужени само гости кои седат, додека ниеден облик на забава со стоење не е дозволен.

Министерот за развој и инвестиции Адонис Гергијадис истакна дека во затворени објекти може да влегуваат само оние кои имаат доказ за вакцинација, освен малолетните лица. Но, за нив е потребен негативен ПЦР тест.

Од грчката влада им препорачуваат на сопствениците на ресторани да ја преземат апликацијата „Covid free GR“ со која ќе проверуваат дали информацијата за вакциналниот статус која ја даваат гостите е веродостојна. Апликацијата ќе биде бесплатна и достапна во онлајн продавниците за телефони и таблети.

Кабинетот на Мицотакис ги предупреди сите сопственици на локали дека за непочитување на мерките ќе бидат сакционирани со казни во висина од две до 10 илјади евра, но и со губење на лиценцата за работа.

 

Поврзани новости