Од устите на груевци тече перфектен акцент на орвеловскиот новоговор!

by Владо Апостолов 18:38
18:38

Кинескиот филозоф Конфучиј, неколку векa пред нашата ера воочил дека кога зборовите го губат своето значење, луѓето ја губат својата слобода.
Земете ги зборовите „слобода“, „демократија“ и „револуција“и ќе видите дека на нив се повикуваат поединци, организации и општества, кои во својата срцевина се деспотски, диктаторски и на кои дури им е мил теророт!

Текстот е објавен на 2 мај 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 969.

- Advertising -

Во близина на Екваторот, на врелиот африкански брег од Црвено Море се простира шестмилионска држава, поранешна италијанска колонија, за која мнозинството македонски граѓани немаат поим дека постои. Еритреја, или Црвена земја, е феномен бидејќи во последниве седум години државата редовно се наоѓа на последното место од индексот на новинарски слободи што го составуваат „Репортери без граници“.

Речиси цела деценија слободата на медиумите во Еритреја е на идентично или на полошо ниво од она во Северна Кореја, ако може воопшто да се зборува за медиуми и за слобода во „царството“ на владетелот со најсмешна фризура, Кин Јонг-ун.

Со Еритреја преку три децении управува претседателот Исаија Афверки, и неговата чизма во 2001 ги затворила сите приватни медиуми, а според „Репортери без граници“ Црвената земја е најголемиот африкански затвор за новинари бидејќи зад решетки до лани имало триесетина, меѓу кои се вбројуваат и неколкутемина што си го одзеле животот поради ужасните услови во притвор.

Парламентарни избори во Еритреја немало од кобната 2001 и се одложени на неопределено, а во Собранието има само една политичка сила и тоа, нормално, онаа на претседателот. Сето ова ама ич не му пречи на Афверки својата владејачка партија да си ја нарекува Народен фронт за демократија и правда!

За ваквата перверзија во јазикот пишува српскиот социолог и политиколог Ѓуро Шушниќ во предговорот на српското издание на извиканиот роман „1984“ на Џорџ Орвел.

Шушниќ вели дека во нашето време, а според него тоа е време на манипулација, клучните зборови од јазикот добиле толку искривено значење така што и самите не сме сигурни што навистина означуваат.

„Земете ги зборовите „слобода“, „демократија“ и „револуција“ и ќе видите дека на нив се повикуваат поединци, организации и општества кои во својата срцевина се деспотски, диктаторски и на кои мил им е теророт“, смета српскиот аналитичар.

На ова убаво се надоврзува мислата на кинескиот филозоф Конфучиј, кој неколку векови пред нашата ера воочил дека кога зборовите го губат своето значење, луѓето ја губат својата слобода.

„СКАНДИНАВСКИ“ ИЗБОРИ

Веќе две години по ред на листата на „Репортери без граници“ Македонија со 116-то, а потоа и со 123-тото место е поблиску до дното, односно до Еритреја (180-то) отколку до врвот на индексот каде што во топ-десетте земји со најслободни медиуми дури четири се скандинавски.

Сето ова ама ич не му пречеше на Антонио Милошоски во неделата, веднаш откако се затворија гласачките места да излезе на говорница во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во домот на АРМ и да рече дека „овие избори беа подобри и од некои од скандинавските избори“!

За Милошоски скандинавски се изборите на кои приватните телевизии, според ОБСЕ/ОДИХР, пред првиот круг од претседателските избори повеќе од 23 часа го рекламирале Ѓорге Иванов, додека Стево Пендаровски добил само три часа етер со образложение дека нема место за повеќе! Веројатно само во Финска или во Норвешка во петте најголеми весници владејачката партија со реклами ги „узурпира“ насловната и уште четири колор-страници, а ако не во овие земји тогаш сигурно во Шведска најгледаните телевизии не ги пренесуваат прес-конференциите на опозицијата и тоа неколку денови пред избори!

Ништо чудо на Скандинавскиот Полуостров гласачите од фјорд на фјорд да ги превезуваат со обележани такси-возила како во Шутка, партиски активисти да водат евиденција кој гласал како во Штип и веројатно во Стокхолм или во Осло има најмногу од оние административци коишто се уценети да најдат уште тројца сигурни гласачи од неопределените.

Кој да знае, изгледа и на северот од Европа од избори на избори се зголемува бројот на неважечки ливчиња и на болните и изнемоштени лица кои гласаат! А сто посто за локални избори се увезуваат и гласачи од Литванија и Естонија и се сместуваат по педесетина во еден стан.

Или сето ова се случува во Финска и во Норвешка или, пак, Милошоски ги побркал меридијаните и за него Скандинавија навистина е на север од Македонија, ама некаде околу Белорусија каде самиот тој имаше чест да биде шеф на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во 2012 година.

Немаме информации дали тогаш Александар Лукашенко, популарниот Батка, исто како Груевски немал време за претставниците на мисијата! Затоа пак речиси сигурни сме дека и во автобусите од јавниот превоз во Минск радиото е заглавено на една фреквенција како што во скопските даблдекери во предизборието се слушаше исклучиво „Радио слободна Македонија“!

Во називот на радиото е интересен зборот „слобода“ и неговото значење. Социологот Шушниќ во предговорот на „1984“, осврнувајќи се на новоговорот, вели дека во ужасниот орвеловски свет на овие „крилати“ зборови како слобода, еднаквост и љубов им се потсекуваат крилата.

Односно, зборот „слобода“ во тој свет може да се употреби само во реченици од типот – „Има слободно место за паркинг“ или „Слободно земи си парче торта“, никако во форма на политичка или интелектуална слобода.

Затоа, во таа смисла, „Радио слободна Македонија“ може да се сфати само како медиуми кој е ослободен од „предавници“ и од „грчки и опозициски платеници“ и тоа ослободен само во смисла на простор во етерот!

ЛАГАТА Е СЕКОГАШ ЧЕКОР ПРЕД ВИСТИНАТА!

Шушниќ во предговорот на орвеловата дистопија вели и дека за да завладее апсолутниот ред во стварноста, нужно е да се направи апсолутен рез во јазикот и дека од него мора да се отстранат сите зборови кои би го довеле во прашање политичкиот поредок.

Не беше многу одамна, поточно лани во предизборието по фамозниот 24 декември, Груевски од скопскиот плоштад коментирајќи ги настапите на опозицијата рече дека Бранко Црвенковски и неговите сопартијци говорат за надминати теми од типот на демократија, слобода и отпор и не сфаќаат дека времето е сменето и оти интензивно се спроведуваат реформи. Што е ова ако не е пензионирање, односно отстранување на сите зборови кои му пречат на политичкиот поредок?

Досега не сме го коментирале, ниту пак сме реагирале на апсурдниот текст што осамна по „курирските“ сајтови во кој анонимниот автор го обвинува „Фокус“ за двојни стандарди бидејќи наводно не се бунел кога на Црвенковски требал да му плати 30.000 евра за клевета (небаре со мерак му се дадени), а се буни кога на Сашо Мијалков треба да му плати (многу помалку од тоа) 6.000 евра!

Не е страшно тоа што „куририте“ не се запрашуваат зошто во 2006 „Фокус“ можел да го издржи тој финансиски товар, а скоро деценија подоцна се соочува со сериозен проблем да издвои дури пет пати помала сума, туку многу „поморбиден“, поорвеловски е моментот дека низ текстот свесно им провејува една одвратна невистина!

Имено, повеќето помнат, а може тоа и да се провери дека „Фокус“ тогаш и тоа како реагирал, напишани се десетици и десетици текстови, направени се интервјуа и насловни страници за случајот „Швајцарски сметки“!Токму за ова намерно слепило пред вистината Орвел во „1984“ вели:

„Свесно да се зборуваат лаги, а искрено да се верува во нив, да се заборави секој факт кога ќе стане незгоден, а потоа кога ќе има потреба од него – пак тој да се извлече од заборавот за онолку време колку е потребен, да се порекнува постоењето на објективната стварност а постојано да се има в предвид стварноста која се порекнува – се тоа додека е потребно… и така до бесконечност, со тоа лагата секогаш е еден чекор пред вистината“.

Поведението на овие медиуми ќе ни послужи да илустрираме уште една орвеловштина како двосмислата, односно онаа чудна способност, по налог на партијата, да се прифатат како вистина два сосема исклучиви става.

Истите портали лани пред локалните избори на големо пуштаа неофицијални информации за тоа дека Заев е во сериозен судир со Црвенковски околу отпорот, пренесуваа секакви коментари кои одат во прилог на тезата, па дури го цитираа и „Фокус“ кога напишавме дека од првиот митинг во Струмица, преку своите поддржувачи Заев му пратил порака на Црвенковски дека е време за пензионирање.

Меѓутоа, само шест месеци подоцна, откако струмичкиот градоначалник стана лидер на СДСМ истиве анонимни „аналитичари“ не се двоумеа и поитаа да напишат дека Заев редовно оди на инструкции кај претходникот и оти Црвенковски е неговиот идеолог!

Еве уште еден пример. Премиерот Груевски вечерта на 24 декември зборувајќи за инцидентот во и пред Собранието го спореди Црвенковски со починатиот либиски претседател Моамер ел Гадафи, а не многу пред тоа медиумите кои тој директно ги контролира, сите до еден објавија текст со десет факти кои ја побиваат тезата дека Гадафи е диктатор и оти напротив – тој бил одличен владетел и поради него во Либија нафтата и лебот се багатела, а бесплатна е електричната енергија!

НЕ САМО ДА СЕ ПОБЕДИ ПРОТИВНИКОТ, ТУКУ И ДА СЕ ПРЕМИСЛИ

Интересно е дека Орвел во романот ги извртува значењата на зборовите до апсурд, затоа тој вели дека војната е мир, слободата е ропство, а знаењето е незнаење. Во неговиот свет нема полиција има Министерство за љубов, а институцијата во која работи главниот лик Винстон Смит и чија задача е да ја ретушира историјата се вика Министерство за вистина.

Значи Орвел не само што им го сменил значењето на зборовите, ами за да ја искарикира својата поента и со тоа да ја потенцира им го дал сосема спротивното значење, ги довел до апсурд.

За крај, дозволете да пренесеме уште неколку поенти од предговорот на српското издание на „1984“. Авторот таму вели дека во страшниот свет од романот, кој се повеќе се пресликува во денешните општества, главна задача на моќниците е да им го перат мозокот на поданиците, бидејќи вистинската моќ не е над луѓето, туку над нивните мисли. Целта не е само да се победат противниците, туку и да се убедат во вистината што ја пропагираат властите!

Само потсетете се на последните денови од овие избори, кога Груевски одеше од град во град и ги убедуваше приврзаниците на „прегазената“ СДСМ дека треба да гласаат за него, бидејќи тие и онака избрале поразена политичка опција и сега нему му се повеќе потребни.

Ги повикуваше во името на една поголема цел упатувајќи ги на „непријателската“ агенда на Албанците да го направат својот јазик официјален на цела територија, што само по себе е уште една орвеловштина. Онаа орвеловштина со која се мобилизира граѓанството преку константно создавање на непријатели!

Рака на срце, Македонија е во Европа, многу посеверно, или ако сакате многу поскандинавски од Екваторот и од Еритреја и факт е дека од оваа „урнатина од држава“ не делат 60 места во индексот на „Репортери без граници“.

Меѓутоа, власта на Груевски докажа дека може да предизвика слободни падови на овој список, многу поголеми од 60 места – а ете сега сме соочени пред Парламент ослободен од опозиција. Исто ко во Еритреја!

Поврзани новости