Од тага и љубов за внуката си го променив името: Елеонора стана Малиша!

by fokus

Елеонора Мустафовска, ученичка на легендарната кралица на ромската песна, Есма Реџепова – Теодосиевска, си го промени името.

Таа ќе продолжи да настапува како Малиша, а наскоро ќе ја промовира и првата авторска песна под новото име. За „Фокус” раскажува дека промената на името е чекор на кој се решила најмногу поради големата љубов кон својата внука од брат, Мали, која ја немала видено цели седум години и многу и недостигала.

-Од љубов кон Мали, но и од тага поради тоа што долги години не сум ја видела, јас решив да си го променам името и да ја продолжам кариерата како Малиша. Таа е ќерка на мојот брат и живее во Америка. Последен пат ја видов кога имаше две години, сега веќе е голема девојка и наполни девет години. Многу ми недостига, ова е во нејзина чест – вели Малиша.

Додава дека промената на името е нешто кое го практикуваат многу пејачи и артисти во светот, а се почесто и кај нас, и со новото име очекува и нови успеси.

-Често уметниците избираат звучни, специфични и имиња кои лесно се памтат. Мене Малиша ми дојде како вистинското име за мене со кое ќе ја продолжам кариерата – вели таа. Нејзината прва авторска песна е на српски јазик, насловена „Теби се предајем”.

Најави и премиера на видео спотот кој го снимила за истата, утре, на музичкиот канал Јутјуб. Малиша е единственото девојче за кое се грижеше Есма, која во својот живот одгледа 47 момчиња, кои растеа и се школуваа во ансамблот „Теодосиевски”.

Зад себе има голем број на настапи во повеќе земји заедно со Есмас бенд и соработува со Симеон Атанасов, кој и беше менаџер на Реџепова до крајот на нејзиниот живот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости