Од што починаа рекордни 26.000 граѓани лани?

by Fokus

Вкупно 25.775 лица починале лани, што е дури за 26 отсто зголемување во однос на 2019 година, кога починале 20.446 граѓани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Ако добро се разгледа извештајот, може да се забележи дека на прво места на скалата по смртност се болести поврзани со срцето, крвните и лимфните садови, па така, само лани од овие болести починале 10.726 пациенти. На второ место се малигните болести, од кои починале 6.683 заболени, а дури на третото место доаѓа опасниот ковид вирус.

Но, сепак, уште позапрепастувачки бројки се појавија во една од анализите на Министерството за здравство, кое претставуваше истражување за ефикасноста на вакцините врз ковид 19.

„Во периодот од 01.01.2020 до 30.09.2021 умреле вкупно 42.970 од 1,886,124 испитаници на возраст од ≥11 години. Од овие, 17.823 смртни случаи се регистрирани во периодот на следење на студијата, од кои 3.947 биле смрт од регистрирана ковид 19 (22.145%)“, се наведува во истражувањето.

Инаку, повеќето од лекарите тврдат дека во изминативе две години главен фокус бил ставен само на пандемијата и во третирањето на овие пациенти.

„Другите болести беа ставени во втор план за третман. Кардиоваскуларната нега кај пациентите беше комплетно нарушена. Стравот од зараза беше една од причините да се одбегнуваат редовните лекарски прегледи и контроли.

 

Во следниот период нѐ чека епидемија од малигни заболувања кој што овие две години останаа недијагностицирани и нелекувани“, вели во изјава за „Фокус“, кардиологот Владимир Ристовски од Градската болница „8 Септември“.

Според него, државите погодени од пандемијата пријавија зголемена инциденца на пациенти починати од ненадејна срцева смрт, пониски стапки на успешна реанимација и зголемена смртност.

„Ковид 19 кај нас и на глобално ниво значително влијаеше на зголемена смртност кај населението, дел преку исходот на пациентите преку зголемена сериозност на болеста, потоа намален пристап на останатите пациенти до здравствена нега и преименување на итните медицински одговори и трансформирање здравствените системи во полза на лекување на пациенти со ковид 19“, објаснува доктор Ристовски.

Тој додава дека короната имала, или има, директно или индиректно, психосоцијално и етичко влијание врз синџирот на преживување од срцев удар.

„За 800 пати е зголемена смртноста во домашни услови за време на пандемијата“, тврди кардиологот.

Исто така, „Фокус“ располага со обемна документација за сите заболени и починати од рак во 2020 година, односно во кои градови колку заболеле, а колку починале, како се движат бројките по региони, колку вкупно се „жртви“ на ова страшно заболување?

Според статистичките податоци, лани од карцином заболеле вкупно 6.638 пациенти, или 319 на 100.000 жители, од кои 3.913 починале.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости