Од септември досега запленети над 500 килограми марихуана во Македонија

by Fokus

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во „Студио 10“ на ТВ24 истакна дека од септември досега биле направени неколку акции и биле пресечени два меѓународни канали за шверцување на марихуана. За кражбата на марихуаната од складиштето во Јосифово, од која потоа беа пронајдени само 300 килограми во Арачиново, рече дека постојат индиции оти дрогата е изнесена надвор и продадена.

-Од септември до денеска имаме голема ефикасност. Имавме заплена на марихуана во Јосифово, во Крушево. Последните 20 дена пресековме два меѓународни шверц канали. Запленивме над 550 килограми марихуана и 100 килограми хашиш.  Во Сингелиќ запленивме четири и пол килограми хероин и килограм кокаин. Ќе продолжиме со оваа сериозна неселективна борба. Даваме податоци колку дрога е запленета. Од украдената дрога од Јосифово, пронајдовме повеќе од 300 килограми во Арачиново, но останатата дрога не е пронајдена, истрагата е во тек. Има индиции дека дрогата да е и надвор од државава. Имаме сериозни докази за дрогата од Јосифово, шест кривични пријави има за тој настан. Во оваа држава мора да се стави до знаење дека секој мора да си одговара, нема врски ниту партиски ниту роднински, нагласи Спасовски.

Тој информира дека во 2021 година на сите автопатишта, регионални патишта ќе има камери и оти секој ќе мора да плати казна за направен сообраќаен прекршок.

Поврзани новости