Од раце ни ја откина Верче, зарем 15 месеци затвор е доволна казна – реагира семејството Белчовски

by Fokus

Останавме во шок кога ја слушнавме пресудата за лицето кое ја прегази Верче. Дали 15 месеци казна затвор е соодветно за некој кој од раце ни ја откина сестра ми, го прекина нејзиниот млад живот? Ќе се жалиме, во неверување сме од изречената казна за едно вакво, тешко дело – во телефонски разговор за „Фокус” вознемирено раскажува Мартин Белчовски, брат на Верица Белчовска (20) од Русиново, која на седми април годинава беше прегазена на пешачки премин во Струмица.

Возачот, осумнаесет годишниот И.Ч. од Струмица не и укажал помош и избегал од местото на несреќата, а подоцна, истиот ден, самиот се пријавил во полиција. Мартин вели дека кобниот ден Верче се враќала дома, од работа. Нејзиниот живот бил прекинат во чекор, додека на пешачки премин ја преминувала улицата, а за семејството нема утеха поради загубата. Сепак, додава дека висината на казната би требало да биде соодветна за делото, со цел да послужи како пример на сите во иднина, на секој еден кој седнува зад волан.

-Сестра ми ништо нема да ја врати назад. Нема да дочека да има свое семејство, деца, да се радува на животот, да остариме сите заедно. Но, само 15 месеци казна за возачот, за еден изгубен млад живот, за болката со која ние вечно ќе живееме, не, не прифаќаме, ќе бараме правдина, ќе бараме повисока казна – појаснува тој.

Семејството на Верица по несреќата ги донираше нејзините органи, кои спасија три животи. Цела земја им се поклони на хуманоста и големината која ја покажаа во најтешките моменти, а се актуелизираа и темите околу сообраќајната безбедност.

На социјалните мрежи јавноста бурно реагираше и се бараше максимална казна за возачот, но и поригорозни полициски контроли.

Вики Клинчарова

Поврзани новости