Од раскинувањето на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ настрадаа 74 привремено вработени во „Водовод““

Од 100-тината најавени отпуштања во „Водовод“, 20-тина сепак добиле продолжување на договорите.

by fokus

Договорот на дело и авторскиот договор се најзлоупотребуваните алатки за партизирање на државните институции и вгнездување на партиски членови кои треба да одработуваат за партиите, но и за одмазда кон неистомислениците при промена на власта.

Овој „систем“ го користат сите партии, се обвинуваат меѓусебно, но никој не презема ништо за на оваа пракса да и се стави крај.

20-ТИНА ЛИЦА СЕПАК ДОБИЈА ПРОДОЛЖУВАЊЕ

Последен случај кој исплива на површина е „Водовод и канализација“, каде по „раскинувањето“ на градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, таа одлучи да не им бидат продолжени договорите на 100-тина вработени во ова државно претпријатие.

Според неофицијални информации, станува збор за вкупно 94 лица. Во меѓувреме, на 20-тина сепак им биле продолжени договорите, а без работа останале околу 74 лица.

Според градоначалничката, овие лица разрешениот директор Златко Перински ги вработил „преку партија“ и не оделе на работа. Но, додека беа во љубов со ВМРО-ДПМНЕ, на Арсовска тоа не и пречеше и не реагираше дека нејзините директори вработувале на овој начин.

Впрочем, и начинот на кој таа ги поставуваше директорите на претпријатијата беше по партиска линија, односно од редовите на партијата која ја поддржа за да стане градоначалничка на Скопје.

Перински пак демантира дека ангажираните со времени договори биле партиски војници. Вели дека дел од нив биле ангажирани и пред две години, односно кога со Град Скопје управуваше СДСМ.

БРОЈОТ НА ВРАБОТЕНИ ПРЕД И ПО ПЕРИНСКИ

Според официјалните податоци, на 28.12.2021 година, односно пред стапувањето на Перински на позицијата директор, во „Водовод“ имало 1.225 вработени трајни вработувања и 53 привремени.

На 09.09.2022 година, односно при неговото заминување, претпријатието имало 1.162 трајно вработени, а 92 со времени договори.

Перински и Арсовска во времето кога соработуваа

Бројот на трајно вработени е намален, а бројот на привремено вработени, е зголемен за 39 лица. Според Перински, ова е поради заминување во пензија на дел од вработените, давања откази и одење во странство.

И ВМРО-ДПМНЕ се побуни против отпуштањето на 100тина лица од „Водовод“, односно поради непродолжување на нивните договори.

Најавата за отпуштање на 100 лица, од кои дел се наследени од претходното раководствo и работат чесно веќе две па и повеќе години е крајно бесмислен и неразумен потег, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, од партијата не одговараат дали има вистина во обвинувањата дека ги користат јавните претпријатија за вдомување на партиски војници кои потоа треба да одработуваат за партијата.

Уште по локалните избори и менувањето на власта на локално ниво, „Фокус“ пишуваше за менувањето на партиските војници со „свои“.

И СДСМ СО СВОЈА ПАРТИСКА ВОЈСКА

Новоназначените градоначалници не им ги продолжуваа договорите на оние за кои тие сметаа дека претходната власт ги ангажирала партиски. Ама затоа, почнаа да ги заменуваат со партиски војници од своите редови.

Новоизбраниот градоначалник на Тетово, Биљал Касами од БЕСА, кој ја наследи Теута Арифи од ДУИ веднаш по преземањето на функцијата ги повика оние кои земале плата, а не оделе на работа да се повлечат.

Оние кои никогаш не се појавиле на работните места и земале плати и паушали на сметка на граѓаните ги повикувам самите да се повлечат, рече Касами.

Новиот градоначалник на Бутел од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски кој го победи неговиот претходник од СДСМ, Велимир Смилевски, пак јавно објави дека открил 40-тина луѓе кои биле вработени во општината и земале плата, а не доаѓале на работа.

Но, никој од одговорните во институциите не одговара зошто дозволил ангажирање лица кои земале плата без да доаѓаат на работа.

На крајот страдаат „партиските војници“ од кои некои и со години чекаат договор за трајно вработување, а партиите преку договорите на дело ги држат „на врвка“ и ги ангажираат најчесто во предизборни кампањи и за гласање.

Катерина Смилева Божиновска

 

 

 

Поврзани новости