Од први септември започнува ловот на дивите свињи

by fokus 17:13
17:13

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска донесе решение за одобрување на ловење на дивеч под заштита. Со ова решение започнува итна максимална депопулација на дивите свињи според акционен план дефиниран помеѓу Министерството и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Ловната сезона започнува на 1 септември на сите ловишта на територија на државата освен во ловиштата во општините Македонска Каменица, Виница, Кочани и Делчево.

Одобрувањето на почеток на лов на диви свињи, како што наведуваат од Министерството, е една од мерките за спречување на ширењето на болеста Африканска свинска чума, која сериозно го загрозува свињарскиот сектор. Ваквата одлука, додаваат, беше донесена врз основа на координативните состаноци помеѓу министерството, АХВ и сите релевантни страни засегнати од опасноста од ширење на оваа болест.

– Согласно Законот за ловство, дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес на државата ужива посебна заштита и подлежи на законски мерки во случај на појава и ширење на заразни болести, посочуваат од Министерството.

Оттаму додаваат дека концесионерите на дивечот во ловиштата, управувачите со државните ловишта ЈУ „Национални паркови“ и ЈП„Национални шуми“ – Скопје како привремени управувачи на ловиштата без концесионер, потребно е да го прилагодат своето работење согласно одредбата од донесеното Решение за одобрување на лов.

– Концесионерите на дивеч во ловиштата се должни ловот да го организираат во присуство на ловочувар, инспектор за ловство и доктор по ветеринарна медицина, а застеланиот дивеч по завршувањето на ловот да се складира на одредено место обележано од страна на Концесионерите на дивечот во ловиштата. Исто така, се задолжуваат Концесионерите и управувачите со државни ловишта во рок од пет дена да определат ловни денови за засилен отстрел на диви свињи и да ги превземат сите мерки пред почетокот на ловот кој согласно денешното Решение ќе започне на 1 септември, се вели во соопштението.

Министерството, како што додаваат, континуирано ја следи состојбата со болеста Африканска свинска чума и во координација со АХВ и другите институции превзема навремени мерки.

– На иницијатива на министерот Николовски беше предложено итно формирање на Координативно тело како една од мерките за мониторинг и спречување на болеста Африканска свинска чума. Ова Координативно тело активно ќе ја следи состојбата и ќе дава идни препораки за потреба од превземање на дополнителни мерки, наведуваат од Министерството.

Поврзани новости