Од олигарси до роднини на политичари – чии градежни компании останаа без лиценци?

Скопски „Бетон“ на Минчо Јорданов, „Еверест ЏД“ и „Тхор Индустриес“ на Дрин Ахмети, штипски „Бетон“ на Камчеви, „Адастра“ поврзана со семејството Јахоски, „Атриум“ и „Виа Инженеринг“ на Мукоски и Угриноски, турската „Симал Констракшн“, која е ангажирана како подизведувач на пругата кон Бугарија, се само дел од над 400 компании што останаа без А или Б лиценца за изведба на градби од прва и втора категорија.

by Фокус

Некогашни градежни гиганти кои се соочија со потешкотии и одат кон пропаст, приватни фирми блиски до политиката и партиите од кои дел работеле на јавни проекти, странска компанија која е ангажирана како подизведувач на крупен инфраструктурен проект, може да се сретнат на листата на субјекти кои ги загубија лиценците А и Б за изведување на градби од прва и втора категорија.

Како што вчера информираше Министерството за транспорт, по извршената контрола на издадените лиценци и дозволи за работа во делот на градежното работење и урбанистичкото планирање врз повеќе од 3.100 компании, кај 479 било констатирано дека по издавањето на лиценците правните лица престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои тие се издадени.

Имено, на 73 правни лица им се одзема лиценца А за изведување на градби од прва категорија, каде, според Законот за градење, влегуваат централи, далноводи, нафтоводи, гасоводи, државни патишта, железнички пруги, аеродроми, депонии, брани, градби за потребите на државните органи, технолошки и индустриски развојни зони, градби за високо образование, национални установи од областа на културата, градби наменети за терцијална здравствена заштита…

Сепак, најмногу се одземени Б лиценци, со оглед дека 228 правни лица останаа без лиценца за градби од втора категорија,  во чии рамки влегуваат градби наменети за основно и средно образование, градби за потребите на органите на општините, општински патишта, градби за примарна и секундарна здравствена заштита, индустриски, стопански, деловни и станбено-деловни градби, градби за индивидуално и за колективно домување, трговски центри, хотели, катни гаражи, пазари, детски градинки…

Притоа, некои компании ги загубија и двете лиценци, како што е случајот со некогашниот градежен гигант АД „Бетон Скопје“, кој го поседуваше бизнисменот Минчо Јорданов преку офшор-компанија со седиште во Британски Девствени Острови – „Репро Оне Лимитед“. Како што е познато, оваа компанија веќе неколку години се соочува со деловни и финансиски потешкотии, поради кои падна во стечај.

Неодамна, „Фокус“ пишуваше дека во рамки на стечајната постапка бил доставен план за реорганизација на скопски „Бетон“ од страна на друштвото „Фего Инженеринг“, меѓутоа доверителите го отфрлиле овој план, што значи дека „Бетон“ наместо кон реорганизација се движи кон ликвидација. Инаку, зетот на Јорданов, Горан Мауровски, порано бил содружник во „Фего Инженеринг“, која, пак, ја загубила А лиценцата за работа.

СТЕЧАЈ НА СКОПСКИ „БЕТОН“: Одбиен е планот за реорганизација, подносителот се жали пред апелација!

Исто така, без Б лиценца за изведување на градби од втора категорија остана уште еден некогашен градежен гигант, кој работеше на проекти од „Скопје 2014“. Станува збор за „Бетон Штип“, фирма која произлезе од стечајната постапка врз АД „Бетон Штип“ со цел реорганизација на некогашната реномирана градежна компанија.

Меѓу другото, „Фокус“ пишуваше за штипски „Бетон“ во врска објектите во УКИМ каде треба да бидат сместени новите факултети на ФИНКИ и ДИФ, кои компанијата почна да ги гради но не успеа да ги догради токму поради тоа што падна во стечај. Денес, друштвото е во сопственост на ОРКА на Камчеви, а порано во нејзината сопственичка структура биле и „Пелистерка“ на Панделески, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко

(АРХИВА) Недоградени факултети: Камчев и Панделески „бетонираа“ 3 милиони евра и ги оставија на половина, а државата седи со скрстени раце и нема абер да ги заврши!

Инаку, без Б лиценца остана и компанијата „Адастра“, во чија сопственичка структура се наоѓа и друштвото „Би Холдинг“, кое се поврзува со семејството на пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски и неговиот син и воедно сопственик на нафтената компанија „Пуцко Петрол“Асмир Јахоски, осомничен во предметот за увоз на мазут за ТЕЦ „Неготино“. За потсетување, „Би Холдинг“ се најде во сторијата на „Фокус“, во која се обработуваше долгогодишната сага околу изградбата на новиот културен дом во Тетово.

Поточно, обелоденивме дека тетовската градежна компанија „НБ-Компани“, во 2021 година склучила договор за внатрешно уредување на новиот културен дом во Тетово, во вредност од 23 милиони евра. Додека оваа компанијата го реализира вредниот договор, сестринската „Ган-Логистик“ купила 2 бензински станици при влез во Скопје за 7,5 милиони евра, при што имотот е купен од „Пуцко Петрол“ и „Би Холдинг“.

(АРХИВА) Семејството Јахоски продаде 2 бензиски за 7,5 милиони евра, додека купувачите реализираа тендер од 23 милиони евра!

Воедно, без Б лиценца остана уште една компанија која уште повеќе се доведува во релација со ДУИ. Станува збор за друштвото „Еверест ЏД“, кое е во сопственост на Дрин Ахмети, внук на лидерот на „интегративците“ Али Ахмети. Другата компанија на Дрин Ахмети – „Тхор Индустриес“, пак, остана без А лиценцата, која се однесува на градби од прва категорија.

Уште пред името на внукот Ахмети да се „прослави“ во јавноста поради добро познатиот случај со трговскиот центар „Соравиа“, „Фокус“ пишуваше за двете компании кои останаа без лиценци во контекст на имотот што го поседува семејството Ахмети. Покрај останатото, наведовме дека „Еверест ЏД“ добила концесија за експлоатација на варовник во Зајас, а дотогаш добила и 5 тендери во вкупна вредност од речиси 8 милиони денари.

(АРХИВА) Недвижности, тендери, концесии – каков имот натрупало семејството Ахмети?

Понатаму, без А лиценците останаа и две вевчански градежни фирми, кои се блиски до семејството на поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски. Првата е „Атриум“ на Бобан Мукоски, кој му е брат на експратеникот Крсто Мукоски. И, втората компанија е „Виа Инжинеринг“ на Цветомир Угриноски и Милан Угриноски, кои се роднински поврзани со браќата Мукоски.

Своевремено, „Фокус“ пишуваше како „Атриум“ наплатила 1,5 милиони евра за тековно одржување на објекти врз основа на договори со ПУИК, при што за дел од нив се отвори постапка во обвинителството по кривична пријава на МВР поради дампинг-цени. Воедно, во оваа сторија беше опфатена и „Виа Инжинеринг“, но и една скопска компанија која, исто така, остана без А лиценцата – „Декон-Ком“.

Како вевчанската фамилија Мукоски-Угриновски доби милионски тендери за одржување и изградба на државни објекти?

Дополнително, без А лиценца останала и охридската компанија „Градежник“ на Тони Илоски, која има блокирана сметка и веќе извесен период не е активна.  Вреди да се истакне дека Илоски е дел од друштвото за урбанизам, проектирање и инженеринг или АД „ЗУМ“, кое, пак, е една од 13-те компании што останаа без лиценца за изработување на урбанистички планови.

Во 2019 година, „Фокус“ ги спомена друштвото „Градежник“ и лицето Тони Илоски кога пишувавме како Исламската верска заедница, тогаш на чело со поглаварот Сулејман Реџепи, купила два апартмани за 150.000 илјади евра во комплексот „Инекс Олгица“ во Охрид. Како што посочивме, Илоски му е внук на Божо Илоски, поранешен сопственик на компанијата „Ремис“, каде моментално тој е управител.

АРХИВА Реисот Реџепи купил два апартмани покрај Охридско езеро за половина милион евра!

Пред неколку месеци, „Фокус“ ја истражуваше и изградба на железничката пруга кон Бугарија, при што се фокусиравме на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка, долга 34 километри, која ја гради турски „Гулермак“ врз основа на договор тежок 155 милиони евра. Податоците до кои дојдовме покажаа дека на половина од времетраењето на договорот процентот на реализација на овој проект е 25 отсто.

Притоа, откривме дека изведувачот ангажирал 4 подизведувачи за вкупно 15 отсто од договорот, меѓу кои има 2 компании во сопственост на турски државјани, регистрирани во ист ден и на иста адреса. Еден од тие подизведувачи е „Симал Констракшн“, која може да се забележи на листата на субјекти кои ја загубиле А лиценцата за работа, што и овозможуваше изведба на објекти од втора категорија.

(АРХИВА) Првата делница од пругата кон Бугарија е готова, но втората се гради забавено – дел од колачот завршил кај поврзани подизведувачи од странство!

Освен за изведба, Министерството за транспорт одзеде и лиценци за проектирање, за надзор, за ревизија, за управител на градби. Од таму најавија дека ќе продолжат со конторолите на издадени дозволи и лиценци согласно своите надлежности, а целокупниот список ќе биде доставен до Министерството за внатрешни работи, до Јавното обвинителство, до ЗЕЛС и останати засегнати институции со цел за понатамошни постапки.

Целта не е да казнуваме, туку компаниите кои добвоволно се согласиле на условите што ги предвидува законот доброволно да ги исполнуваат затоа што феноменот е дека во моментот на поднесување на барањето ги усполнуваат, а потоа престануваат да исполуваaт тие услови. За да не настане забуна, контролите се прават на лиценците во делот на потребниот број на вработени, а во дел на квалитет на изведување и во дел на квалитет на навремено извршување постојат соодветни надзори кои ги контролираат градбите – изјави министерот Александар Николоски.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости