Од обид на една мајка да се прифатат децата со попреченост, до голема национална манифестација

by Fokus

По повод Светскиот ден на лицата со попреченост, трети декември, Здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром ,,Вера’’ од Струмица повторно ја најавува манифестацијата со која ќе се испрати пораката дека секој е убав на свој начин, и треба да се прифатат различностите.

Се работи за настанот „Убави сме, свои сме“, кога 23 деца со попреченост од повеќе градови на Македонија, придружувани од познати личности од јавниот живот ќе продефилираат на модната писта која специјално ќе биде направена во големата сала на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. Модна ревијата „Убави сме, свои сме“, веќе станува традиционална и по шести пат ја организира Здружението за поддршка и помош на лица со Даунов синдром „Вера“ од Струмица.

Од здружението најавуваат поинаков концепт на овој настан на кој учество ќе земат и околу сто деца од основните училишта во општината Струмица, а децата со попреченост, учесници на ова модна ревија ќе бидат облечени во гардероба на познати модни куќи и бутици.

Иницијатор на ревијата е Анче Николова – Туфекчиева, мајка на дете со Даунов синдром, која е на чело на здружението, и во минатото секој настан помина со голем број на публика и голема јавна поддршка за проектот. На модната писта покрај малите модели, во годините наназад продефилираа голем број на јавни личности од политиката, естрадата и културниот живот во земјава

Поврзани новости