Од небулозни причини одложена расправата за извештајот на СЈО

by fokus

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедиците денеска по втор пат ја одложи расправата за шестмесечниот извештај на Специјалното јавно обвинителство. Како што беше речено на денешната седница причина за ваквото одложување е затоа што пратениците дури денеска го добиле извештајот на СЈО во пишана форма. Според објаснувањето, на пратениците им требало повеќе време да го проучат, за да се подготват и за пратеничките прашања закажани за утре.

Сепак, полугодишниот извештај пред повеќе од еден месец беше објавен на сајтот на Специјалното јавно обвинителство. Извештајот и е достапен на јавноста од 15-ти март, а беше и детално обработен во медиумите.

При тоа беше објавено дека во тој период се донесени првите пресуди по поднесените обвиненија за вкупно 11 лица во 4 различни предмети, дека СЈО досега обработило 515.572 од вкупно 606.555-те аудио-фајлови (85 проценти од „бомбите“ предадени од Зоран Заев), и дека во процес на анализирање се повеќе од 100.000 аудио-фајлови кои се прибавени при спроведени претреси кај неколку лица.

Пратениците можат да го најдат извештајот во електронска верзија и на веб страната на Собранието, каде е закачен од денот кога седницата е закажана.

Претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски информираше дека следната седница на која треба да се расправа по извештајот, ќе се одржи или во петок или во понеделник.

 

Поврзани новости