Од Лондон во Скопје: Светски стендап на Влад Илиќ пред македонската публика

„Следниот настап ќе биде лично и интимно шоу. Очекувајте да гледате теленовела.“

by fokus

Македонската публика вчера имаше можност да биде дел од стендап настап со светски квалитет. Македонскиот комичар Владислав Илиќ познат по своето сценско име, Vlad Ilich, настапи во „Јавна соба“ и ни ја доближи стендап културата, која во светот е многу популарна. Настапот беше на англиски јазик, но приспособен во македонски контекст.

Со Влад разговараме по неговиот настап. Вели дека срцето му се наполнило и за момент се почувствувал како да е во Лондон, каде што редовно настапува. Всушност, тој прво требаше да стане познат во британската метропола, па да стане познат кај нас.

Во текот на настапот често имаше и интеракција со публиката. Сегмент кој е еден од потешките во стендап комедијата. Сепак, скопската публика покажа дека ги следи светските трендови и реагираше добро.

Публиката беше храбра, безгрижлива и топла.
Ова се „се или ништо” настапи и клучни за мојата понатамоѓна изградба како комичар.
Вчерашното шоу беше еден голем чекор напред. Како полумаратон.

 

Оваа година публиката виде друга страна. Материјата беше поцрна (дарк), а голем дел од настапот помина во разговор со публиката, што е забавен, ризичен и возбудлив елемент кој дефинитивно ќе го користам пак, вели Влад.

Од вчерашниот настап на Влад пред македонската публика

Тој е дел од лондонската стендап сцена неколку години. Оваа година му е веќе целосно исполнета со настапи. Еден од поголемите што го очекуваат е Fringe фестивалот во Единбург во август каде цел месец ќе настапува по два пати на ден со различен материјал.  Во меѓувреме се фокусира на своето месечно шоу во Кемден во Лондон.

Го прашавме и дали ќе имаме прилика повторно да го видиме во Македонија, со оглед на тоа дека интересот за овој настап беше голем.

Следниот настап дома ќе биде шанса публиката да види уште една нова страна. Ќе биде многу лично и интимно шоу, за последниве неколку месеци од мојот живот. Очекувајте да гледате теленовела (се смее), вели Влад.

Во врска со домашната стендап сцена, треба да размислуваме амбициозно – мора да се потрудиме повеќе за да успееме, советува Влад. Тој ги поздрави обидите на Skopje Comedy Club, кои всушност беа и организатори на овој настап, да имаат „Open mic night“, односно отворена вечер за нови комичари.

Само голем труд и соработка – најтажно е кога промотерите место да растат заедно, си ставаат сопки и си завидуваат. Би охрабрил и што повеќе жени да пробаат стендап. Најинтересните вечери во Лондон се оние со најголем диверзитет. Животот е перспектива, да имаш пет-шест различни перспективи во една вечер е голем подарок за секоја публика, заклучува Влад.

Влад направи вистински пробив на лондонската стендап сцена откако во 2020 година се појави на BBC Three во шоуто Stand Up for Live Comedy. Неговиот настап достигна милионски прегледи на Фејсбук, а беше емитуван и на најгледаната BBC 1.

Пред да се пресели во Лондон за да работи на својата стендап кариера, Влад живеел на Малта, каде што исто така се занимавал со стендап.

К.С.Б.

 

Поврзани новости