Од Ковид-19 почина Тачко Локвенец, еден од најреномираните македонски новинари

by fokus

Како последица на ковид-19 изутринава, на 79 годишна возраст почина еден од најреномираните македонски новинари, Тачко Локвенец. Тој ја започна својата кариера на 5 мај, 1963 година како дипломец на Филозофскиот факултет во Скопје и млад приправник во „Нова Македонија“ и до крајот на работниот век беше дописник на овој дневен весник, пренесе Мета.

Негови текстови беа објавувани и во „Остен“, во локалниот неделник „Народен глас“, во списанија во поранешна Југославија. Локвенец беше коосновач, а потоа сопственик на списанието „Порта“ и повеќе од едена деценија до последен момент посветено ги бележеше позитивните случувања во градот и државата на страниците на ова списание.

Како неуморен творец и хроничар пред сè на животот на прилепчанецот, тој е автор на повеќе книги: „Судница лудница“, „Ние сме тука“, „Вест и власт“, „Љубовни легенди„, „Илинденски обелиск“, „Дабница“. Тој е автор на монографијата посветена на 60-годишнината од прехранбениот гигант „Витаминка“.

До последниот момент од својот живот беше посветен на творештвото. Подготуваше книга која требаше да биде пресек на предизвиците на македонското новинарство. Не ја заврши. Тачко Локвенец беше и редок познавач на делата на класиците во книжевноста, извонреден колега, граѓанин, вечен вљубеник во чаршијата, еснафите, во доброто во човекот.

Посмртните останки на Локвенец ќе бидат погребани денеска во 15 часот на новите градски гробишта во Прилеп, „Песјобрдце“.

Поврзани новости