Од Ќосето со камата толку се можело!

by Fokus

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Леле!!! Што направивме!?! А, знаете ли, драги мои, што направивме. Успеавме, како народ од дома седење, со овде-онде блага фолклористика и патетика, конечно да го доработиме она што со крв и огромни жртви го спечаливме во народноослободителната борба. Добивме право, Ние, и тоа, само Ние, ексклузивно, официјално, да го задржиме името Македонија во насловот на државата и во меѓународниот промет да бидеме  единствен државен политичко-правен субјект со такво име, јазик и етничка припадност во светот.

Дали намерно се правиме на удрени со некоја задна мисла, или пак не знаеме што направивме, од типот: „Шо ти знај детено шо се триста кила“,  тоа времето ќе го покаже. Како и да е, нашево „дете“ добро знае што се триста кила во грамаден камен. Се обиде да го помести од отворот на пештерата уште поодамна. Опна да го поткрене, ама тешко, невозможно.

ЛУЃЕТО ВО ПЕШТЕРАТА

Но кога „детето“ е бистро, досетливо и кога гледа дека племето ќе му пцовиса во темницата на пештерата јадејќи тревки, печурки и јадејќи се меѓу себе, тоа „дете“ почна меѓу првите да ги буцка тие околу него да се помрднат од место, да се зафатат со работа и да го поместат каменот од отворот за да влезе светлина во пештерата и сите заедно да видат бел ден.

Каков бел ден? Каков камен? Па тој нè штити да не ни навлезат некои диви ѕверови внатре, па да нè растргнат и да нè изедат? „Детето“ убедуваше, објаснуваше и виде дека не е само и дека и некои други мислат како него. Но не беше лесно да се придобијат замелушените  жители на пештерата.

Некои од нив, оние полукавите, веќе се имаа добро снајдено. Ги намирисале тревките и печурките и слабото изворче, се добрале до нив и станале патриоти. Ним им беше арно. Но, бистриве деца се намножија и им вратија на патриотиве: „И ние сме деца на Македонија!!! И ние имаме право да живејме! И не само ние туку и сите други луѓе во пештерата имаат право да живеат!“

И така, почнаа сè погласно да викаат, да тропаат, да фрлаат со шарени „дрвја и камења“ по затнатиот отвор и се обидуваа да ги разбудат оние летаргичните и тие да поттурнат. Со вревата, пак, се надеваа дека некој од минувачите, патник-намерник, ќе го чуе нивниот глас и ќе подзастане, чунки местото било ептен на ачик, на крстосница, севезден некој поминувал, заминувал.

И бидна! Тие, туѓите, најпрвин си поминуваа и си одминуваа, но подоцна се сожалија на нас, луѓето во пештерата. Се согласија тие однадвор, а ние однатре, што би рекол Заев, заедно да буткаме и да ја поместиме планината.

Но, ве молам, драги мои, да нема забуна! Оваа приказна околу детето што помести триста кила, во случајов не се однесува на Заев.

ГРЕШКИТЕ ОД МИНАТОТО

Не! Овој пат, простете на нескромноста, таа приказна се однесува на мене лично, како и на илјадници, илјадници други разбрани жени и мажи кои со години секој на свој начин се бореа и укажуваа  дека нема бегање од спорот со Грција, дека доста само стискаме заби и „уживаме“ во таа трпна состојба на маченици, дека еднаш мора да направиме силен загриз, да откинеме што поголемо парче од месото и со една брза, прецизна и бистра мисла да сфатиме дека добро поминавме.

Да сфатиме дека со Преспанскиот договор успеавме да го добиеме најможното можно решение од сите други возможни решенија што теоретски ни стоеја на маса. Е, сега, не верувам дека некој нормален во оваа земја е за некој друг тип решение што би се барало надвор од преговарачката маса.

Доцна е, доцна е, драги мои протестирачи. Тој историски момент го пропуштивме уште пред сто години, кога другите околу нас знаеја што сакаат и се изборија тоа и да го добијат. Не знам дали ним светиња им биле камата и пиштолот и дали се колнеле пред нив, ама знам, на пример, дека во тоа време албанска интелектуална елита од 160 делегати среде „наша“ Битола на конгрес ја создала стандардизираната албанска азбука.

Истовремено нивните големи трговци, пак, го финансирале создавањето на Битолската печатница. И сега, оние Македонци што гледаат од високо на оваа етничка заедница кај нас сè уште си го лажат умот со реторичкото прашање: „Како можело тоа без некои славни востанија Албанците да си добијат држава така, „на зелена чоја“, и тоа баш во времето кога ја делеле нашава Македонија?“

Не знам, можеби и тие имале некои славни востанија, ама фалба со тоа не истеруваат, но затоа со албанската азбука, испечатените буквари, училишни текстови и неделник-весник и ден денес се фалат и ги слават. Е, па тоа ти е! Од Ќосето со камата толку се можело.

Да сме тргнеле по паметот на Мисирков и ретките други учени како него, можеби и ние уште тогаш официјално ќе сме ги поставеле основите на стандардниот македонски јазик, и тоа на конгрес, на оној во Солун!!! А можеби и ќе направевме, ако не држава, ама некоја автономија во рамките на турската империја, за почеток.

Затоа мораме редовно да се потсетуваме на тешките грешки и промашувања што како народ сме ги правеле во минатото за пак да не ни се повторуваат.

ЖИЛАВО ЧОВЕЧЕ

Со паметот на партијата што си го милува Ќосето не ќе требаше многу за повторно да заглавиме во џебот на историјата. За среќа, како народ полека излегуваме од таа погубна шема. Сега најтешко му е на ВМРО-ДПМНЕ. Угоре високо, удолу длабоко. Колку и да гракаат и да се силат, тие се сосема свесни дека потпишаниот мировен договор со Грција сосема пие вода.

Преговарале и тие во повеќе наврати и добро знаат колку тврд орев беше тој речиси непремостлив проблем. Преговараа, ама никогаш не загризаа до крај. Се уплашија да не си ги скршат забите во обидот да го скршат оревот. И така, решија да си се поттргнат од тој проблем и да не си ги абат и поткршуваат забите за џабе, да не огрдат во суратот, па да си ја изгубат својата верна публика.

И му се нафрлија на Заев. Решија него да го скршат, ама, пусто, тој Зоки се погоди некое баш жилаво човече, не се дава. Уште згора на тоа е и среќен, и тој и неговиот тим што издејствувале добар историски договор со кој го затворија спорот со Грците.

И јас сум среќна исто како и еден гледач на една од телевизииве, што рече дека навистина е среќен што, ете, конечно тој проблем со Грција го решивме и сега веќе да мислиме за напред, за подобра иднина.

Веднаш по тој гледач се јави друг со критика на првиов и вели: „Тоа што гледачов пред мене е среќен, тоа е негов проблем!“. Леле! За овој човек среќата да ти била проблем! Но, затоа, пак, тој гордо се пофали дека тој е длабоко несреќен од потпишувањето на договорот и, внимавајте, не спомна дека тоа за него е некаков проблем.

Ако, нека си ужива човекот во несреќата. Има меѓу нас и такви, прости, маченички, души македонски!

Поврзани новости