Од каде се парите?

Колку време треба да се пребројат 11-те милиони евра на Мијалков и на Камчев, колку децении треба да се заработат? И главното прашање: зошто ли, зошто остана Македонија без Комисија за потекло на имотот?

by fokus

Линдита КАДРИУ

Само живата ограда нè делеше од неговата куќа. Тогаш градбите подлегнуваа на законски ограничувања, јавна естетика, итн., та сите куќи во нашата улица во Пржова бавча, позната како функционерско маало, беа двокатни и со обврска не знам колку длабоко да се оди под земја, така што имавме три подруми, а само еден потребен. Постоеше закон и важеше за сите.

Комшијата Абдурахман прв беше изградил во маалото, искористувајќи ја ситуацијата пред носење одредби за новиот кварт. Направи трикатен објект, погабаритен, нешто полуксузен од тогашните градби.

ПРИКАЗНАТА ЗА ЧИЧКО АБДУРАХМАН

Комунистичкиот активец, директор на СОК-Тетово им запнал за око на локалните власти, а Комисијата за испитување на потеклото на имотот го издиференцира од работа, додека се расчисти: Од каде парите?

 Јас, мала, го гледав чичко Абдурахман како го мете дворот да му мине времето. Тој се докажа невин (дел од парите му беа од братот гастарбајтер) и така се врати на раководната позиција.

Би се вратил ли овде?, го прашувам братучедот Сабуш, угледен шивач во Берлин, кој работи со ексклузивна клиентела, но помислив дека ќе му биде полесно со сплотеното семејство, откако во трагедијата во Бугарија ги изгуби саканата сопруга и единственото, штотуку дипломирано девојче.

(Тој ниту еден ден не помина во морничаво празниот стан, туку брат му го прибра кај него. Децата, на исто така настраданата сестра Хати, и оние на постариот брат го посетуваат буквално секоја вечер. Некои вечери спиев таму и останав фрапирана од смиреноста, дури и духовитоста на Сабуш и на останатите. Како на филм.)

Би се вратил ако Македонија се врати барем 30 години назад, рече.

Како успеавме земјата да ја однесеме во регрес наместо напред!?

Како ни успеа од типови со, благо речено, дамки во биографиите, да создадеме селебрити личности, така актуелните милионери во слобода, сегашниот и претходните премиери, можеби топтан министрите, високи службеници, стечајни директори, доктори и универзитетски професори со ценовници за услугите.

ШТО НАПРАВИВМЕ ОД ЗАКОНОТ?

Нормално ни е градоначалници да остават милионски долгови без да им фали влакно во главите без морал, домашен одгој и страв од вечните санкции (харамот, велат светите списи, до седмо колено се протега).

Од законот направиме приказна за мали деца.

Со текот на демократијата стокмивме поговорки: Да немаш работа со судови, Да не даде Господ да се разболиш… да вадиш документи

Боже сочувај нè, цел век да ни мине во Македонија и да не знаеме за подобро и понормално. Барем подолго патување, престој.

На крај она со што сакав да почнам: колку време треба да се пребројат 11-те милиони евра на Мијалков и на Камчев, колку децении треба да се заработат? И главното прашање:

Зошто ли зошто остана

Македонија без Комисија?

Непоткуплива при казнување и конфискација на имотот, превенирање од потенцијални крадци и следствено полнење на буџетот, таа денес би била, како во кинеската пословица: Првиот чекор во долгиот пат кон Европа.

Во Македонија, денес Комисијата за потекло на имотот би имала полни раце работа, од каде да фати!?

Затоа згасна.

 

 

 

Поврзани новости