Од Грција нема потврда за конечен договор со Србија за слободно патување за вакцинираните граѓани

by Fokus

Прелиминарни биле разговорите меѓу министрите за туризам на Грција и на Србија, за време на нивната вчерашна онлајн средба околу сертификатот за вакцинација и не постоел конечен договор, објасниле извори од Министерство за туризам на Грција за грчките медиуми, јави МИА од Атина.

Евентуален договор околу заеднички меморандум не се споменува ниту во соопштението за средбата објавено од министерот за туризам на Грција.

Откако надлежната српска министерка Татјана Матиќ соопшти дека со нејзиниот грчки колега Харис Теохарис договориле и усогласиле меморандум за разбирање за периодот од 1 мај до 1 октомври, според кој вакцинираните граѓани од двете земји слободно ќе можат да влегуваат во Грција и Србија и ќе постои заемно признавање на електронскиот сертификат за вакцинација, извори од грчкото Министерство за медиумите рекле дека не постои конечен договор.

Разговорите, како што се посочува, биле ограничени на техничката поддршка од Грција за сертификатот за вакцинација, предложен од премиерот Киријакос Мицотакис

Во однос на средбата, министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис, преку својата официјална интернет-страница соопшти дека од неговата српска колешка бил информиран за интересот на Србите да ја посетат Грција за време на летната сезона, Матиќ го поканила Теохарис да го посети Белград и побарала пренесување на техничкото знаење и помош за грчкиот предлог за сертификатот за вакцинација.

 

Поврзани новости