Од Грција до Сејшели: Македонските граѓани желни за патувања ова лето!

by Fokus

Со почетокот на летната сезона и намалување на бројката на новозаразени од корона вирусот во Македонија, се зголеми интересот кај нашите граѓани за летувања.

Ако тоа одеше исклучително тешко минатата година, која помина во знак на карантините и изолациите, па домашните туристички центри профитираа, тогаш оваа година ќе бидат посетени и поблиските, но и подалечните дестинации.

Оваа година повеќе од земјите ги отворија границите, па патниците можат да патуваат под одредени услови кои се во моментов најприфатливи за нив – со брз антигенски тест, со две дози на вакцина и со прележан корона вирус сертификат.

„Сега во моментов најбарани дестинации се Грција и Турција, а има и дел кои се интересираат за Албанија и Египет. Тука се и индивидуалците кои ги сакаат поегзотичните дестинации – Малдиви, Дубаи, Сејшели, Јужна Америка. Секако, дел од туристите ги практикуваат и домашните дестинации“, ни истакнаа од една туристичка агенција.

Цените се различни за сите околни земји, па така летување во Албанија е од 60 па се до 400 евра, додека пак во Грција почетната цена е 60 евра, а во соседна Бугарија сместувањата се движат од 900 денари па нагоре.

Општиот став на туристичките агенции е дека доколку навреме се резервира, тогаш може да се наиде и на поповолна понуда.

„Сите кои направија резервации до крај на март, ги добија големите попусти кои ги нудат хотелите и туроператорите. Одредени реакции на поскапувањето се одразија токму бидејќи минатата година пред пандемијаат се правеа резервации на почеток на година, но оваа година не го сторија тоа, чекаа да се отворат граници, па да прават резервации. Но, периодот за попусти и промоции помина и резервациите се уплаќаа по редовни цени. Секако, има и хотели кои ги поскапеа цените за 10 до 20 отсто, но, тие се многу ретки“, ни додадоа од туристичката агенција.

Ако во минатото нашите туристи знаеја да резервираат одмор за две седмици, тоа не е случај ова лето и најчесто се летува до 10 дена.

Состојбата со корона вирусот во Македонија е стабилна, но тоа не е така во Грција, каде во текот на вчерашниот ден беа регистрирани над 2.000 нови случаи на вирусот, а почна исто така да се шири и делта сојот, кој е присутен и кај нас.

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера порача дека не се потребни нови мерки во Македонија, но, ќе се разговара за некакви критериуми за влез и излез на границите.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости