Од фасадните судски реформи се срами и барокот на Груевски!

by fokus

Пишува: Валентина Вурмо

Седнат на утринско кафе, со поглед кон убавиот Дунав, бегалецот Груевски најверојатно се мисли како да го срочи најновиот фејсбук статус. Внимателно ги бира зборовите со кои зајадливо ќе им плесне во лице на обвинителите дека издвојувал уште една победа, гледајќи ги како ги собираат делчињата од распуканите предмети.

Убавата вест дури и му подрани, бидејќи се броеја деновите кога Судскиот совет требаше да го разреши поротникот со завршен мандат, па со него во пензија да заминат и четири големи предмети на СЈО. Но очекувајќи го бингото доби и лото, бидејќи советот, гртис, разнесе уште два предмети на поранешните специјални, кои ќе се тркалаат низ судските лавиринти одново, се додека не застарат!

Ама тоа е, баш сега им падна на дневен ред да го разрешат судијата Горан Башевски, за кого не откриваат ниту каков грев сторил. Имал право на жалба, па мудро молчат за да не излезе дека ќе треба да лижат таму каде што сега плукаат.
А обвинителите нека му ја мислат. Одново и одново нека изведуваат стотици страни доказен материјал, а за сведоците да им сведочат како и првиот пат Господ нека им е на помош. Сигурно половина ќе заболат од “амнезија”, а дел ќе се иселат во странство, ако тоа веќе и не го направиле. Па кој, да не речам нормален, би останал и понатаму да гледа како се реформира судството. Од толку фасадни реформи врз судот се срами и барокот на Груевски!

Но, тоа ќе да е, што би рекле старите, судбина. СЈО скрши нога, буквално, наместо да го скрши мразот и да допре до недопирливите, а сега на ред е да се излизга и судот.

Но не е се изгубено. Судењата ќе почнат од почеток, кој ќе доживее ќе раскажува, и потоа за околу една година, по овие земјотреси, следува вистинското цунами. Ќе стигне одлуката од Судот во Стразбур, која многу лесно може да ја оживее космодикс аболицијата на Иванов. Е дури тогаш освен сведоците ќе се исели и правдата и тоа засекогаш!

И веќе нема да е важно кој е виновникот, зошто и да се сака не ќе може да се добројат. Но она што е очигледно, е дека никој не ја научи грешката од СЈО. Тогаш обвинителите молчеа, како што велеа, за големата слика, да ги спасат предметите. А сега зошто повторно молчите и вие и судиите? Јустиција и треба да биде со врзани очи, за да не фаќа страна, но откако ќе измери со кантарот треба да го крене мечот и да пресече. А вие ниту мерите, ниту сечете, туку само гледате!

Поврзани новости