Од денеска ќе може граѓаните да се пријавуваат за вакцинација против ковид-19

by Fokus 09:23
09:23

Интернет-страницата преку која граѓаните ќе можат да се пријават за вакцинација против ковид-19, треба да профункционира од денеска. Како што најави министерот за здравство Венко Филипче секој ќе може сам да се пријави, а системот ќе биде тој кој ќе генерира кои од пријавените се приоритетни.

Освен по електронски пат со регистрација на интернет-страницата за вакцинација, пријавувањето за вакцини ќе се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.

- Advertisements -

Капацитетот за вакцинирање изнесува по 880 лица дневно во сите поликлиники во Здравствениот дом во Скопје и дополнителни близу 500 во пунктот во Клиничкиот центар во Скопје. Вакцинацијата ќе почне со здравствените работници и со лица над 70 години.

-Засега се пријавени четири илјади работници, од кои околу две илјади се во Скопје, останатите се во другите градови. Таму вакцинацијата ќе се спроведува во пунктови по примерот на вакцинацијата за сезонски грип, така што еве сега во првиот момент кога вакцините ќе стигнат може и практично да започне процесот на вакцинација, рече Филипче.
Во согласност со капацитетот на здравствениот кадар, во некои поликлиники и здравствени домови ќе има по повеќе вакцинални пунктови кои ќе работат во две смени за да може да се имунизираат поголем број граѓани.

-Конкретен пример, поликлиниката ‘Јане Сандански’, две смени во три пункта, што значи дека 240 луѓе на ден ќе може да се вакцинираат согласно физичките параметри на просторот – влез, излез, немешање, еден одреден период од 10-15 минути коишто после вакцинација граѓаните треба да почекаат заради евентуална појава на алергиска реакција, што е вообичаена постапка при вакцинација, се прави тој распоред, додаде Филипче.

Поврзани новости