Од Бигорскиот манастир тврдат: Не ги прекршивме препораките на властите за време на богослужбите!

by Фокус

Од Бигорскиот манастир ги отфрлија наводите дека таму синоќа не се почитувале препораките на властите и дека верниците го прекршиле полицискиот час, како и дека биле доведени во опасност од зараза. Оваа реакција од манастирот следува откако Алијансата за Албанците на Зијадин Села побара кривична одговорност за организаторите на прославата за Велигден.

„Во врска со спречувањето на пандемијата на корона вирусот, ги потсетуваме овие очигледно недоволно информирани кругови, дека нашите манастири меѓу првите институции во државата излегоа со став дека полезно и потребно е да се почитуваат одредбите и препораките од здравствените институции и државните власти и докрај останаа доследни на овие препораки. Така, на пример, манастирот во Рајчица беше ставен во карантин триесет дена од страна на државните власти, а посетите во Бигорски, Пречиста и Кнежино беа значително редуцирани. Следствено, бројот на луѓето што присуствуваа на богослужбите во изминативе денови, вклучително и на синоќешното Воскресенско бдение, го содржат монасите, монахињите и верниците волонтери од нашите четири манастири, штитениците што се лекуваат во нив, градежните и други работници, верниците што се затекнаа во нив кога беа донесени мерките од државата, како и членовите од екипата „2С Студио“, кои како наши долгогодишни соработници, и оваа година, со дозвола од државните власти, присуствуваа во Бигорски со цел да помогнат при вршењето на директниот пренос“, се наведува во реакцијата од Бигорски.

Од таму тврдат дека во ниеден случај не биле прекршени препораките и мерките од државните и здравствените власти за време на богослужбите во Светиот Бигорски Манастир.

„Згора на тоа, доколку некој и би се одлучил да дојде на вечерашната прослава на Воскресението Христово, во никој случај не би имал можност да го направи тоа, со оглед на засилените полициски контроли по патиштата, а и самото полициско присуство пред влезот на манастирот. Ги покануваме сите што се сомневаат во ова, да ги посетат нашите манастири надвор од полицискиот час и да ја запознаат социјалната мисија што ја вршат нашите манастири и да видат дека тие се прибежиште на многумина кои се отфрлени од семејствата и општеството, но и на оние кои својот духовен мир го наоѓаат тука и подолг период престојуваат во нашите светилишта.
Накај, ве поздравуваме со најрадосниот поздрав: Христос Воскресе!“, велат од манастирот.

Од таму посочуваат дека монашка заедница од четирите манастири: Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино, ја сочинуваат над педесет монаси, монахињи, искушеници искушенички, и верници волонтери кои се дел од едното семејство во Господа, а манастирите згрижуваат над шеесет души од социјално ранливи категории.

Поврзани новости