Од 500 гости, никој не и купи цвет на партнерката: Во Европа без кавалери не се влегува!

by Fokus 14:32
14:32
За време на викендот во Демир Капија се одржа традиционалниот панаѓур посветен на верскиот празник Голема Света Богородица. Настан кој привлекува посетители од цела земја, илјадници гости за кои беа организирани голем број на верски, забавни, културни и спортски случувања.
 
Во еден од угостителските локали, каде стотици посетители се забавуваа со музичките гости, го забележавме Блаже, повозрасен човек од Гевгелија, продавач на цвеќе, кој често е присутен со корпите полни со рози и гербери на многу културни општински манифестации низ земјава.
 
Но и покрај многуте гости, цвеќето на Блаже остана непродадено. Тој вели дека во последниве десеттина години, тоа е честа слика, и жали што кај нас романтичарите, и општо мажите кои искажуваат внимание кон дамите со поклонет цвет, стануваат еден вид на ,,изумрена врста’’.
 
,,Нема кавалери, нема романтика. Цела ноќ шетам покрај масите на кои седат млади парови, но никој не прашува ниту за цена, а не пак да и купи цвет на својата партнерка. За мене тоа е жална слика. Па како планираме да одиме во Европа, кога немаме џентлмени? Не се работи тука за голем трошок, туку за самиот гест. Не знам дали е до мажите, дали не сфаќаат колку секоја жена би се израдувала на еден обичен цвет, а верувам дека не се работи за пари. Мислам дека попрво би и купиле на партнерката пијалок, отколку роза. Овде има над 500 гости, а никој не купи ниту еден цвет’’ – искрен е Блаже.
 
Тој додава дека целиот свој живот продавал цвеќе. Во минатото работата му одела добро, но денес, разочарано констатира дека најверојатно ќе мора да го фрли во корпа цвеќето по завршувањето на празникот.
 
,,Подарениот цвет е многу убав гест. Не знам, можеби некој смета дека тоа е нешто старомодно, но жените секогаш се воодушевуваат од вакви гестови. Во развиените земји, уличните продавачи на цвеќе можат да имаат пристоен живот од својата работа, но кај нас тоа воопшто не е случај. Сакаме да бидеме Европејци, а 50 денари за партнерките не ни се даваат, не оди тоа така’’ – вели Блаже.
 
Свежото цвеќе секогаш е убав поклон, без разлика дали се подарува на сопруга, девојка, роднина… Сепак, ретки се мажите во Македонија кои тоа често или воопшто го практикуваат. Кај нас, на шега дури и се вели, дека ако партнерот подари цвеќе без некој посебен повод, за жената тоа може да биде знак дека тој нешто згрешил и се обидува да се искупи за гревот.
Вики Клинчарова

Поврзани новости