Очевидци утре ќе сведочат во случајот „Диво Насеље“

by fokus 13:47
13:47

Во судница на Врховниот суд утре ќе продолжи судењето за случајот „Диво Насеље“, кое ќе биде отворено за јавноста, бидејќи се очекува да сведочат неколкумина сведоци.

Минатиот петок се читаше писмениот исказ на сведокот на обвинителството, Шабан Јашари, бидејќи тој не беше присутен во судница. Јашари дава опис на сето она што го забележал деновите пред  да се случи настанот во кумановската населба, но и за она што се случувало во текот на самиот ден.

- Advertisements -
Banner Renault 300x250

Во изјавата тој наведува дека на 5 и 6 мај најпрвин забележал униформирани лица во една од куќите чиј сопственик го познава, а исто така укажува и на тоа дека пиел кафе со Сами Укшими познат како командант Соколи за кој во изјавата тврди дека во 2001 бил близок со ДПА и Мандух Тачи.

Сведокот дава објаснување и за уште двајца осомничени на што одбраната реагираше дека исказот не треба да биде прифатен бидејќи нема заклетва, а дел од адвокатите на одбраната бараа и аудио и видео запис од сведочењето.

Овие барања судскиот совет ги отфрли, а не беше обезбедено присуството ниту на другите двајца сведоци.

„Фокус“ веќе пишуваше дека за да се одржи едно рочиште за овој случај се трошат околу 50.000 евра поради големите мерки на обезбедување. До ноевмри лани беа потрошени над 1,3 милиони евра, а оттогаш се одржаа уште неколку судски рочишта.

Организирањето на ова судење е екстремно скапо бидејќи поради голем безбедносен ризик, на денот на рочиштата, се ангажирани голем број на припадници на Министерството за внатрешни работи, односно на терен се Единицата за брзо распоредување, редовната полиција, затворската и сообраќајната полиција, а голем дел од трошокот отпаѓа и за ангажирање на хеликоптерската единица, бидеќи на секое рочиште хеликоптер го надлетува главниот град.

Дел од трошоците се и за организирање на спроводот на обвинетите од затворите каде што се наоѓаат во притвор, до Кривичниот суд. Обвинетите се сместени во неколку затвори, односно во Битола, Прилеп, Охрид, а дел се и во истражниот затвор „Скопје“.

Овој судски процес започна на 9 февруари минатата година, кога на обвинителна клупа седнаа обвинетите за тероризам и терористичка организација за настаните поврзани со случувањата од 9 и 10 мај во Диво Насеље во Куманово.

Случајот е далеку од разрешница, односно пресуда, поради што се очекува трошоците до крајот вртоглаво да се зголемат. За тоа кој на крајот ќе ги покрие овие троошоци, од Основниот суд Скопје 1 ни одговорија дека, согласно законот трошоците се утврдуваат и се пресметуваат со конечната одлука на судот.

Според досегашната судска пракса, судските трошоци паќаат на грбот на осудените.

В.В.

 

 

Поврзани новости