Обвинувања за физички напади во ДОМ и „севернокорејско“ владеење

by fokus

Одлуката на ДОМ за изборен настап со ЛДП и ДС беше проследена со обвинувања дека таа е донесена нестатутарно и нелегитимно. Довчерашниот пратеник од редовите и ДОМ Мирослав Богдановски, кој беше разрешен од потпретседателската функција во партијата, бидејќи инцираше свикување на вонреден конгрес, тврди дека претседателката Маја Морачанин нема поддршка од 17 од вкупно 23 општински организации на партијата. Според него, таа раководи со ДОМ на „севернокорејски начин“.

-На ЦО на ДОМ се случи прекршување и непочитување на статутот, физички напади и закани што е надвор од сите демократски и зелени вредности. Луѓе кои не се членови на ЦО беа носени да гласаат бидејќи „лидерката“ нема поддршка од базата, односно не може да обезбеди кворум за носење на одлуки, но сепак, како и претходниот ЦО, на шверцерски начин се носат одлуки без почитување на процедурите и статутот – вели за Фокус Богдановски.

Наспроти тоа, Морачанин вели дека седницата на ЦО била целосно легитимна, при што со ниту еден глас „против“ се донесе одлука за настап во граѓанска коалиција со партии од центарот и граѓански иницијативи и активисти.

-Поединците кои по завршувањето на состанокот објавиле незадоволство од одлуката избраа воопшто да не влезат во салата туку по нивен избор останаа пред вратата. Доколку имаа различно мислење ќе беше добро да присуствуваат на состанокот и низ аргументирана дебата да ги искажат своите ставови. Ние веќе два месеца дискутираме во партијата за оваа можна граѓанска коалиција, имавме и изјави во медиумите за тоа и досега никој во ДОМ не се изјаснил негативно – ни изјави претседателката на ДОМ.

Морачанин го поставува и прашањето зошто Богдановски одбрал да не дојде на седницата и овие ставови што ги изјавува сега не ги споделил со колегите.

-Како може да зборува во име на ДОМ кога јавно кажа дека во Собрание ќе настапува како независен пратеник, а потоа си поднесе оставка без да извести било кој во партијата, поради што и беше исклучен од партијата и уште едно прашање-за настап со кои други партии тој зборува, додава Морачанин.

Богдановски, пак, посочува дека се поставува прашањето зошто и покрај нелегитимната одлука за коалициски настап со ЛДП и ДС се замајува јавноста дека ДОМ ке оди во граѓанска коалиција на локалните избори?

-Ќе продолжиме посветено да работиме и да ја застапуваме зелената агенда со 2/3 од општинските организации на ДОМ во соработка со низа зелени активисти граѓански и политички субјекти, но со издвоено од дејствување со актуелното раководство – најавува Богдановски.

Катерина Смилева

Поврзани новости