Обвинителството за прв пат ги „откри“ обвинителите, но без слика

by fokus 13:37
13:37

Јавното обвинителство денеска ја промовираше новата интернет-страница, www.jorm.gov.mk, на која може да се следат информации од Јавното обвинителство на РСМ, од вишите јавни обвинителства, од Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и од основните јавни обвинителства.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески истакна дека со новата интернет-страница  се зголемува транспарентноста во работењето на обвинителството што е значајно за поголема доверба на граѓаните во оваа институција.

-Корисниците на интернет-страницата ќе можат да најдат документи и правни акти од кривичната област и други релевантни податоци за нашата дејност. Наша обврска кон граѓаните за давање точни, проверени и релевантни информации придонесува не само за информирање, туку со тоа се стеснува и просторот за шпекулации и лажни вести, рече Јовески.

- Advertising -

За прв пат обвинителството ги „открива“ обвинителите, односно јавноста  има прегледност кои обвинители во кое обвинителство се ангажирани. Сепак, таму недостасуваат нивните фотографии и биографии. Но, од обвинителството потенцираат дека сајтот постојано ќе се полни со нови информации.

Амбасадорот Клеменс Која, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје истакна дека интернет-страница е дел од напорите за зајакнување на капацитетите на обвинителите за односите со јавноста.

-Отвореноста и транспарентноста се столбовите на демократијата и тие се потребни за граѓаните да имаат доверба во правната сигурност. Владеењето на правото не изискува само испорачување на правда, туку и почитување на правдата од оние кои ја испорачуваат. Затоа важно е да комуницирате со јавноста со цел правдата да може да се види, рече амбасадорот Која.

На денешната промоција на новата интернет-страница, државниот јавен обвинител Јовески на амбасадорот Која му врачи благодарница за соработката.

Новата интернет-страница на ЈОРСМ е овозможена со финансиска поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Поврзани новости