Обвинителството шест години „истражува“ зошто пропадна пописот на населението

by fokus

Неверојатни шест години Обвинителството за организиран криминал „истражува“, како и зошто пропадна пописот на населението, во 2011 година. На прашање на „Фокус“ во која фаза е истрагата за овој случај, ни одговорија дека сѐ уште се води предистражна постапка.

-Предметот во врска со пописот од 2011 година е се уште во предистражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги очекува материјалните докази побарани од Министерството за внатрешни работи по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Речиси идентичен одговор од обвинителството добивме и во 2014 година.

-Предметот за кој прашувате  е во фаза на истражување. Надлежното Основно Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во насока на утврдување на  фактите и доказите во предметот, се обрати и до Министерството за внатрешни работи со цел прибирање на информации, ни посочија пред три години од обвинителството.

Специјалното јавно обвинителство, пак, пред еден месец, исто така отвори предистражна постапка за овој случај, бидејќи и за нереализираниот попис се зборувало во дел од „бомбите“.

Јавноста за оваа постапка дозна откако во просториите на СЈО се појави Живко Пејковски, член на тогашната пописна комисија, кој бил повикан да даде исказ. Истата надела на распит беше и екс премиерот Никола Груевски, но јавноста не беше информирана дали бил повикан за потребите на оваа предистражна постапка или за некој друг случај.

Обвинителствата треба да утврдат колку точно пари се потрошија и дали дел од нив се злоупотребени. Државниот завод за статистика испрати финансиски извештај до Владата, но од таму  никогаш не обзданија колку точно пари отишле во ветер.

Она што со сигурност можеме да го потврдиме е дека неуспешниот попис изгоре 738.000 евра. До оваа сума стигнавме следејќи ги тендерите, кои Државниот завод за статистика ги склучил за потребите на пописот, а ги објавил на сајтот на Бирото за јавни набавки. За печатење на материјалите, и обезбедување на останатите материјали, како папки и слично, биле потрошени 590.000 евра. Над 41.000 евра чинеле чантите, во кои пописниците ги носеле материјалите. И тоа не беше се. Над 100.000 евра се потрошија и за изработка на маркетинг кампања, со која населението требаше да се убеди зошто е добро сите да се попишеме.

За пропаднатиот попис недостасуваше и официјално образложение, но затоа кружеа шепекулации. Наводно на лидерот на ДУИ, Али Ахмети инсистирале да се попишат сите Албански иселеници, иако повеќе од една година не стапнале во Македонија, што беше, пак, спротивно на законот. Македонскиот врв, пак, наводно стравувал од откривањето на бројката на иселениците, кои во последните години масовно ја напуштаат државата, од падот на наталитетот и од енормната невработеност.

Валентина Вурмо

Поврзани новости