Обвинителството побарало документи за наменските портали од ДИК

by fokus

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција побарало документи за порталите по отворената предистрага во која ќе се проверува дали се точни сомнежите дека биле отворени наменски портали пред изборите на кои се префрлале пари од политички партии за рекламирање. Од ДИК за Фокус потврдуваат дека има барање до нив за доставување на документи кои се однесуваат на порталите и дека одговараат согласно барањата.

Од обвинителството не ги откриваат ниту фирмите, ниту порталите со образложение дека се работи за предистрага и дека допрва ќе се докажува дали навистина добиле пари и дали ја извршиле услугата.

Утрово Обвинителството и Министерството за внатрешни работи спроведе координирана акција во којашто беше одземена документација од три фирми за кои има сомнеж дека во предизборниот период наменски отвориле портали без импресум, адреса на седиште и без објавување на ценовник за рекламирање.

Од ОЈО информираат дека надлежен обвинител издал наредба за проверка на фирмите.

– Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави Известување според кое постои сомневање дека политичките партии за време на предизборниот период платиле политичко рекламирање на интернет портали што биле непосредно отворени и со мала посетеност, стои во соопштението од ОЈО.

Од фирмите е одземена документација, а докази се прибираат и од други релевантни институции.

Поврзани новости