Обвинителството ќе го обжали решението со кое Груевски се спаси од „Траекторија“?

by fokus 14:53
14:53

Обвинителството има можност да го обжали решението на судијата Горан Бошевски, кој пред неколку дена констатираше дека кривичното дело за кое се гони екс премиерот Никола Груевски во случајот „Траекторија“ е застарено.

Ова решение сѐ уште не стигнало во Обвинителството, а откако ќе го добијат, ќе се одлучува дали ќе се поднесе жалба до Апелација. Поточно, обвинителството не може да се жали на застареноста, но може да го оспори решението на судијата, бидејќи на овој начин се оневозможува обвинителот во текот на постапката да направи преквалификација на делото.

- Advertising -

Ова значи дека обвинителката Лиле Стефанова сега е со врзани раце, односно нема да може да направи преквалификација на кривичното дело за Груевски, доколку на пример за тоа се создадат услови во текот на судската постапка. Освен во текот на главната расправа, како во случајот, судијата, за да не му го одземе ова право на обвинителот, може застарувањето на делото да го констатира при изрекувањето на пресудата, со донесување на одбивателна пресуда.

Решението за настапена апсолутна застареност на кривичното дело со кое на Груевски му се судеше за злоупотребите при изградбата на автопатите Штип-Миладиновци и Кичево -Охрид, следуваше по барање на адвокатот на екс премиерот.

Во овој случај Груевски беше обвинет за делото „Примање награда за противзаконито влијание“ од чл.359 ст.2 од КЗ, за што е предвидена затворска казна од една до три години, поради што пак застарува за шест години, сметано од 2013 година.

На останатите обвинети во овој случај, меѓу кои се и екс министрите Миле Јанакиески и Владимир Пешевски ќе продолжи да им се суди, бидејќи се обвинети за кривични дела за кои се предвидени повисоки казни, а со тоа и застарувањето се одложува.

В.В.

Поврзани новости