Обвинителството го тресе Универзитетот МИТ

by fokus

Основното јавно обвинителство Скопје информира дека во тек е претрес на Универзитетот МИТ каде што вчера беше спроведена полициска акција поради сомнение за неправилности во работењето.

Обвинителството вели дека прибира релевантни докази од Универзитетот во врска со истражната постапка што ја води.

Полицијата вчера спровела претрес во три објекти на МИТ универзитетот во Скопје и во еден во Македонски Брод, но не беа соопштени детали какви докази за незаконско работење на оваа установа се собрани во текот на акцијата.

Сопственичката на МИТ, Билјана Апостолова смета дека упадот на полицијата е политички монтиран случај и хајка против неа и Универзитетот, за да ја замолчат, поради нејзините јавно упатени критики кон власта.

На полициската акција денеска реагира и Универзитетот МИТ, оценуваќи дека се врши тортура на оваа високообразовна институција.

„И покрај тортурата што на 5 октомври 2016 се изврши врз Универзитетот и растревожувањето на нашите студенти и на наставниот кадар, Универзитетот МИТ од 6 октомври 2016 продолжува со тековните активности. Се известуваат сите студенти дека наставата ќе се одвива во регуларен тек. Бруцошите ќе следат обука за електронскиот систем, која ќе се одвива во објектот „Сити галери“ на плоштадот Македонија, во претходно закажаните термини“, додаваат од МИТ.

Универзитетот МИТ како високо-образовна институција се формира во 2007 година, во чиј состав спаѓаат Факултетот за менаџмент и Факултетот за информациски технологии.

Поврзани новости