Обвинителството го истражува местењето на судските предмети, неколкумина повикани на разговор

by fokus

Обвинителството во континуитет презема дејствија во врска со предметот за злоупотребите на системот за автоматска распределба на судските предмети (АКМИС), за што неколку лица се повикани во Обвинителството да дадат исказ, информираат од Обвинителството. Во текот на вчерашниот ден дел од медиумите објавија дека покана за распит добиле и претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и екс претседателот на Кривичниот суд, судијата Владимир Панчевски, но тие за „Фокус“ изјавија дека не биле повикани во обвинителството.

-Основното јавно обвинителство Скопје во континуитет презема дејствија за расчистување на предметот и утврдување на факти. Во насока на проверка на наводите од извештајот, побарани се податоци од Судски совет и Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите“, велат од ЈОРМ.

Оттаму посочуваат дека во текот на минатата недела, двајцата надлежни јавни обвинители кои постапуваат во предметот заедно со стручни соработници вршеле непосреден увид во кривичните предмети во Основниот суд Скопје 1 Скопје, како и во системот за нивно заведување заради утврдување евентуални неправилности.

Од Обвинителството велат дека се испратени и покани до неколку лица за да дадат исказ пред јавен обвинител.

Поврзани новости