Обвинителството го гони Величковиќ за „злосторничко здружување”

by fokus

Основното јавно обвинителство соопшти дека во домот на кумановскиот полициски началник Стојанче Величковиќ е вршено претрес по наредба на судија на претходна постапка од Кривичниот суд во Скопје. Од ОЈО велат дека одземени биле предмети, но немало наредба за приведување.

– Цел на претресот беше пронаоѓање траги на кривично дело или предмети важни за кривичната постапка и нивно одземање. Одземени се предмети што содржат податоци во писмена форма и предмети што содржат податоци во електронска форма, во врска со кривични дела – Злосторничко здружување од чл.394 и Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од Кривичниот законик, како и други кривични дела за кои се гони по службена должност. Имајќи ги предвид информациите пласирани во медиумите во врска со преземеното дејствие, особено изнесените информации дека требало да се приведува лицето С.В. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека преземените дејствија согласно издадената судска Наредба се само за претрес на дом, не и приведување на лицето- стои во соопштението на ОЈО.

Вчера пред куќата на началникот беше тензично, откако полицијата упадна во домот, а стотина приврзаници на опозицијата се собраа да го бранат од приведување.Од Министерството за внатрешни работи пак, информираа дека акцијата во домот на Величковиќ била направена без нивно знаење и планирање.

Величковиќ  вели дека ова е монтиран случај против него за да го заплашат, бидејќи како што рече, спречил обид за изборен криминал во Куманово.

Поврзани новости