Обвинителство отвори предмет за надзорот на автопатите на „Бехтел и Енка“

by Fokus

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) по допрен глас отвори предмет за надзорот на изградбата на автопатите, кои се дел од коридорите 8 и 10-д.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“ – велат од ОЈО ГОКК.

Изборот на фирмите што ќе вршат надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-д од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ изминатиот период беше една од темите во фокусот на јавноста.

Поради сомнежите што се отворија, претставниците на Владата повеќепати досега упатуваа да се пријави во Обвинителството, а премиерот Димитар Ковачевски неколкупати јавно ги повика и обвинителството и Државната комисија за спречување корупција да ги испитаат сомнежите.

Конзорциумот кој победи на тендерот за надзор е предводен од италијансакта „ИРД инженеринг“, а во него сè уште три компании: шпанската „Ептиса“ и двете домашни фирми „Електра Солушнс“ и „Евро консалтинг“.

Договорот за надзор со овој конзорциум, Владата го потпиша на 2 февруари годинава.

Поврзани новости