Обвинителство: Објавувањето на документи од истрагата „Рекет“ е кривично дело!

by fokus

Објавувањето на нелегално добиени документи од истрагата за предметот „Рекет“, кои освен како моментална сензација, не придонесуваат во остварување на каква и да е друга цел, е кривично дело, соопштија денеска од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, најостро осудувајќи го ваквиот настан.

-Обвинителството нема да ги коментира информациите изнесени во јавноста, но ќе потенцира дека откривањето на доверливи информации од страна на поединци претставува опасност и штета за севкупниот општествен систем и е кривично дело. Со протекување на ваков вид документи се повредува пресумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и воопшто сe отежнува текот на постапката, посочуваат од ОЈО.

Од Обвинителството нагласуваат дека ќе преземат дејствија за утврдување на фактите како овие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите.

-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и укажува на јавноста дека ваквите неодговорни извори на информации и медиуми со ограничена цел, нема да влијаат врз решеноста на обвинителството овој случај да добие комплетна завршница. Дотолку повеќе што зад исходот на овој предмет стои посветеноста и енергијата на севкупното обвинителство решено да го оправда своето име и да и застане на патот на корупцијата, се наведува во нивното соопштение.

Поврзани новости