Обвинителство ќе истражува како се исплаќале плати во Институтот за јавно здравје

by fokus

Министрите на последната владин седница ги усвоиле конечните извештаи за извршената ревизија на финансиското работење за 2016 година на Јавна здравствена установа Институт за јавно здравје и Институт за медицина на трудот. Владата ги испрати двата ревизорски извештаи до Основното јавно обвинителство, информираат од Владата по одржаната седница.

Како што претходно утврди ревизорот при исплатата на платите во Институтот за јавно здравје имало субјетивизам и нерамноправност“. Според ревизијата во Институтот се исплаќале плати во износ кој е повисок од коефициентите за плати на кои биле распоредени дел од вработените и според образованието кое го имаат.

„Најмалку 7 лица извршуваат работни задачи за кои не е предвидено надоместок на плата  од 0,25, а тој им е одобрен. Според колективниот договор право за надоместок на основниот коефициент на плата во висина од  0,25 остваруваат единствено лицата кои работат како одговорни лаборанти, а  со увид во персоналните досиеја не утврдивме доказ дека тие работат како лаборанти“ пишува Ревизорот.

Од 68-та седница на Владата произлезе програма за измени и дополнувања на Програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) којашто покрај пензионерите ќе ги опфати и лица до 18 годишна возраст на семејства корисници на социјална парична помош во Република Македонија за 2018 година.

На предлог на Министерството за транспорт и врски, владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од  подобрување на состојбата на општинската патна мрежа. За таа цел владата задолжи повеќе институции меѓу кои и Јавното претпријатие за државни патишта да изготви детална анализа и преглед на рехабилитирани општински патишта со помош на средствата од заеми, одобрени за таа намена. Исто така ќе се изготви и преглед на годишните износи на финансиските дотации до единиците на локална самоуправа наменети за одржување на општинските патишта за последните десет години.

На седницата задолженија добија и ЗЕЛС во соработка со општините и Министерството за локална самоуправа да изготват анализа на состојбата со општинските патишта и преглед на општински патишта во лоша и многу лоша состојба, во кој ќе вклучат приоритети.

-По добивањето на овие анализи Министерството за транспорт и врски ќе достави акциски план за подобрување на состојбата на општинската патна мрежа – велат од Владата.

На седницата беше усвоена информацијата за отворање на Канцеларија за соработка со дијаспората во Општина Штип во согласност со Програмата за работа на Владата за 2018 година.

На денешната седница Владата на Република Македонија го именуваше Дарко Радевски за член на Одбор на директори на АД Водостопанство.

Владата донесе и Решение за формирање на Комисија за спроведување на реформи во пензискиот систем којашто ќе биде должна да ја информира Владата на Република Македонија за текот на спроведување на активностите за имплементација на истите.

Поврзани новости