Обвинителката Ленче Ристоска не доби поддршка за унапредување во Вишото обвинителство

by fokus

Обвинителката, Ленче Ристоска која го водеше клучниот предмет на поранешното Специјално јавно обвинителство, „Таргет-Тврдина“, за масовното прислушување, и за којшто на 12-годишна затворска казна беше осуден поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, не ја доби поддршката од Советот за јавни обвинители за унапредување.

Ристоска конкурирала за обвинител во Вишото јавно обвинителство, но не доби доволен број на гласови за да биде избрана.

Освен предметот за масовното прислушување, Ристоска го води и предметот „Талир“ за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Таа ја одржа првата прес-конференција веднаш по формирањето на Специјалното јавно обвинителство, а по апсењето на поранешната обвинителка, Катица Јанева ја претставуваше институцијата до нејзиното згаснување.

Од поранешните обвинители во СЈО, унапредување не доби и обвинителот, Љубомир Лапе, а конкурирал за обвинител и за во Вишото јавно обвинителство и за во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Во Вишото обвинителство не беше избран ниту обвинителот од скопското обвинителство, Дарко Јакимовски кој го води предметот за големата несреќа кај Ласкарци и го застапуваше обвинението за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села на 27 април.

Додека овие обвинители извисија, во Обвинителството за организиран криминал преминуваат Лиле Стефанова, Трајче Пеливанов, обвинителот кој заедно со Ристоска го водеше предметот за масовното прислушување, и Артан Ајро, поранешни обвинители во СЈО. Обвинителката Фатиме Фетаи не доби поддршка за во организирна криминал, но унапредена е во Вишото јавно обвинителство.

Поврзани новости