Обвинители постапуваат по пријавите за изборни прекршувања

by Фокус

Скопје, Гостивар, Куманово и Кочани се градовите за кои до Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со изборите, формирана при Јавното обвинителство, пристигнале информации дека се постапува по предмети.

За случајот со пријавата од Американската амбасада во Скопје дека едно лице од политичка партија вчера се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица, поранешни осуденици, добиле огнено оружје со цел попречување на изборниот процес, од обвинителството информираат дека дале насоки за понатамошно постапува и во моментов скопската полиција врши оперативни проверки.

Во Скопје се постапува и по еден предмет за кривично дело уништување на изборен материјал. Случајот го пријавил претседател на Избирачки одбор каде еден граѓанин од четири гласачки ливчиња во кутијата ставил само едно, додека останатите ги скинал и ги оставил на пултот за гласање. Ова лице, велат од обвинителството, е лишено од слобода и приведено во полициска станица.

Во Гостивар, пак, е оформен предмет по допрен глас, откако била добиена пријава по електронски пат. Поточно, на електронската адреса izbori@jorm.mk пристигнал поднесок испратен од политичка партија, во врска со сомнение за вршење на притисок и агитација од страна на лице во избирачки места во Гостивар. Основното јавно обвинителство Гостивар оформи предмет по допрен глас и веднаш издаде насоки за проверка на наводите од пријавата.

Во Кочани, според последните информации, се постапува за повеќе настани кои биле пријавени во обвинителството од кочанската полиција. Станува збор за вршење агитација пред избирачки места, превоз на гласачи, како и сомнение за вршење поткуп и повреда на слободата на определувањето на избирачите.

Во кумановското обвинителство, пак, имало пријава за наводно поткупување гласови во селата Чекезе, Романовце и Војнивиќ, но откако бил оформен предмет и извршен разговор со повеќе лица, обвинителството не собрало информации со кои би можела да се потврди пријавата.

Поврзани новости