Обвинителен акт против три лица: Правеле лажни пасоши и пренесувале мигранти преку нашата граница

by fokus

По сеопфатна меѓународна истражна постапка, надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, поднесе Обвинителен акт против три лица, македонски државјани. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ од член 418-в став 1 и продолжено кривично дело- “Криумчарење на мигранти“ од член 418-б став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Во период од месец јуни 2016 година до месец август 2018 година прво осомничениот, како организатор на криминалната група заедно со други македонски и странски државјани, обезбедувал фалсификувани документи на потенцијалните мигранти кои не можеле да добијат регуларни визи за САД и Канада. Тој од користољубие, правејќи им лажни патни исправи, илегално ги пренесувал мигрантите преку државната граница на Р.Северна Македонија и преку претходно договорена рута ги испраќал до Гватемала, Мексико, Костарика, за да можат од таму преку илегален премин – таканаречената зелена граница од Мексико да стасаат до земјите на крајната дестинација – САД и Канада.

Во текот на првата половина на 2017 година, прво осомничениот заедно со другите двајца осомничени како дел од меѓународна криминална група составена од лица од Албанија, Шпанија и од други држави, од користољубие создале и организирале група за криумчарење мигранти. Во текот на 2017 година и првата половина на 2018 година, групата откако првично ќе остварела непосредна средба со потенцијалните мигранти – државјани на Р.Македонија и Р.Албанија, вршела нивно врбување, по што им организирала целосно патување од матичните земји, преку земјите членки на Европската Унија и Доминиканската Република, до земјите на крајна дестинација САД и Канада. Групата обезбедувала фалсификувани документи за потенцијалните мигранти, резервирала и купувала билети за автобуски и авио превоз, резервирала и плаќала времено сместување на мигрантите во хотели/мотели и хостели во земјите од рутата. За преземените дејствија, организаторите на криминалната група добивале парични исплати од мигрантите во износ од 20.000 до 25.000 долари по мигрант.

Осомничените како организатори на криминалната група го планирале бројот на илегалните мигранти (обично од двајца до четворица) кои требало да бидат криумчарени, го договарале временскиот период и рутата по која ќе биде реализирано криумчарењето, како и локациите на кои во текот на криумчарењето мигрантите времено ќе престојуваат. Воедно, го договарале и начинот на обезбедување на гаранцијата и исплатата на договорениот паричен износ по пристигнување на мигрантите во земјите на крајна дестинација.

Имајќи ги предвид видот, тежината и висината на запретената казна за кривичните дела за кои се товарат обвинетите, надлежниот обвинител со Обвинителниот акт поднесе и Посебен предлог за продолжување на мерката Притвор за обвинетите со цел непречено спроведување на кривичната постапка.

Поврзани новости