Обвинетите за нападот врз Села кои признаа вина се покајаа што влегле во Собрание

by fokus

Судот на 13 јуни ќе ја објави пресудата за двајцата обвинети за насилство во одвоената постапка за нападот врз Села во Собранието на Република Македонија од 27 април минатата година.

На денешното рочиште, двајцата обвинети Цејо Георгиевски и Стојан Павлевски ја признаа вината за делото.

Постапката за седуммина обвинети за нападот врз Села во Собранието на Република Македонија продолува на 2 и 5 јули, за кога се закажани завршни зборови. За обид за убиство на Села, според новиот обвинителен акт, обвинети се  Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов.

Застапникот на обвинението Дарко Јакимовски, во завршни зборови, кажа дека со оглед на признанието на вина Судот обвинетите да ги прогласи за виновни  и казни за стореното дело.

– Казната за ова дело е од шест месеци до пет години, што отвора можност за алтернативна санкција. Сметам дека било какво алтернативно казанување ќе значи банализација на делото. Ако вака лесно се влегува во Собранието и се напаѓа, што станува со останатите заштитени објекти. Обвинетите биле свесни, без разлика на поводот, дека ја надминале дозволената граница, рече Јакимовски.

Нагласи дека обвинетите не одговараат само за напад врз Села, туку за целокупните дејствија во Собранието и прес центарот.

– Предлагам Судот да ги казни и испрати јасна порака дека санкциите се неминовни и строги. Само принципот на казнивост може да ги отстрани сомнежите за повторување на делото, рече Јакимовски.

Обвинетиот Цејо Георгиевски, во завршен збор, рече дека се покајува што влегол во Собранието и дека не сакал никого да повреди.

– Вакво нешто нема да се повтори во иднина, рече Георгиевски.

Обвинетиот Стојан Палевски, во завршен збор, рече дека имал време овие осум месеци во притвор да размисли што направил со неговото влегување во Собранието, без никаква намера да повреди никого.

– Никогаш и во ниеден момент не би го направил истото што го направив тогаш, рече Павлевски.

Поврзани новости