Обвинетите во „Змиско око 2“ ослободени за едно кривично дело, другото застарело

by fokus

Сите 22-ца обвинети во случајот „Змиско око 2“ се ослободени од вина за кривичното дело „злоупотреба на службената положба“, додека за дел од нив кои беа обвинети за „злосторничко здружување“ донесена е одбивателна пресуда заради застареност.

Пресудата ја донесе денеска Основниот кривичен суд Скопје по завршните зборови од јавниот обвинител и завршните зборови на обвинетите и нивните бранители.

– Со првостепената пресуда сите 22 – ца обвинети, од кои за две лица се водеше раздвоена постапка, се ослободуваат од вина за кривичното дело од чл. 353 ст.5 в.в. со ст.3 од КЗ односно Злоупотреба на службената положба додека за кривичното дело од чл. 394 ст.1 од КЗ за дел од
обвинетите и 394 ст.2 од КЗ за преостанатите обвинети односно Злосторничко здружување судот донесе одбивателна пресуда заради настаната апсолутна застареност, информира Основниот суд Скопје.

Против пресудата, странките имаат право на жалба пред Апелацискиот суд во Скопје.

Доказната постапка за случајот „Змиско око 2“ беше завршена за три рочишта. Во овој случај се обвинети 22 поранешни инкасанти и вработени на патарините, кои се гонеа дека дел од парите за патарина ги ставале в џеб.

На овој случај му претходеше и „Змиско око 1“, со над 70 обвинети. По тринаесет години низ судските лавиринти, првостепената пресуда беше изречена во февруари. Претходно Кривичниот суд во два наврати донесе пресуди, но истите паѓаа на Апелација.

Обвинетите по толку години очекуваа ослободителна пресуда, но само четворица добија ослободителна, а останатите беа осудени на условни казни.

Поврзани новости