Обвинетите во „ТНТ“ бараат изземање на обвинителот Рустеми

by fokus

Одбраната на обвинетите во случајот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цановски, на денешното рочиште побара изземање на јавниот обвинител Бурим Рустеми, под сомнение за пристрасност.

Одбраната смета дека по согласност на обвинителот Рустеми поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева го повлекла обвинителниот акт против Ардијан Амзоски, зет на оштетениот во случајот, Фијат Цановски, за што по повлекувањето на обвинението, фирмата на Амзоски во неколку наврати на сметката на Меѓународен сојуз исплатилa вкупно 850.000 eвра.

Адвокатот Јовица Страшевски, во соопштение до медиумите, го достави барањето за изземање на Рустеми, кое го доставиле до Јавниот обвинител Љуборми Јовески, за кого сметаат дека е надлежен да одлучува.

– На ден 19.10.2017 година пред официјално да се поднесе Поднесокот за повлекување на обвинителен акт од страна на Обвинителката Катица Јанева, а по претходна согласност од обвинителот Бурим Рустеми, Аријан Амзоски му успраќа порака на Бојан Јовановски „СЈО го повлече денес предметот. Благодарам од срце ајде сега раат да почнеме да работиме“.

На ден 20.10.2017 година со намера да ја оствари својата цел без ниту еден дополнителен доказ, без образложение или отпочната главна расправа со изведување на докази, Катица Јанева како СЈО по претходна согласност од обвинителот Бурим Рустеми, кој бил надлежен за овој предмет, го повлекува позитивно оценетиот обвинителен акт ТД „ФИНЕ“ ДОО Струга и Ардијан Амзоски како управител на ова трговско друштво за сторено кривично дело бесправно градење, се вели во поднесеното барање за изземање.

Во 2019 година, пак, обвинителот Рустеми за „Фокус“ појасни зошто било повлечено обвинението против Амзоски, бидејќи и тогаш се проблематизираше истата околност.

Тој појасни дека доколку опстоело обвинението за бизнисменот Адријан Амзоски и фирмата „ФИНЕ“ ДОО Скопје за наводна дивоградба, а поврзана со изградбата на објектот „Космос“, СЈО немало да може да го покрене обвинението за случајот „ТНТ“, во кој меѓу обвинетите е и екс премиерот Никола Груевски. Поточно, за Амзоски било утврдено дека е оштетен, а не обвинет.

-Кривичната пријава за Амзоски, за дивоградба, била поднесена во 2011 година, а се до 2017 не била активирана. Во време кога јавно е познато дека водиме истрага за „ТНТ“, односно за незаконско рушење на објектот „Космос“, редовното обвинителство, одлучува да ја активира пријавата и да поднесе обвинение против Амзоски. Овој потег е нелогичен, со очигледна позадина, бидејќи добро знаеја дека СЈО е надлежно за овој случај. Кога го добив предметот решив дека обвинението треба да се повлече, а со мене се согласи и шефицата Катица Јанева, бидејќи не може за ист случај бизнисменот да има својство и на обвинет и на оштетен. Нашите докази покажуваа дека е оштетен, појаснува обвинителот Рустеми, кој додава дека ако опстоело обвинението против Амзоски, немало да може да се отвори случајот „ТНТ“.

СЈО надлежноста за предметот за Космос ја добива на 14 декември 2015 година, а истрагата ја отвора на 16 април 2016 година. Затоа не е јасно зошто редовното обвинителство, дури во март 2017 година го покренува обвинението за Амзоски? Обвинителниот акт за „ТНТ“ е поднесен на 29 јуни 2017 година, а во ноември станува правосилно.

Во случајот „ТНТ“, освен Груевски, обвинети се и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, Елизабета Најдовска, Насер Алев, Марика Зафировска и Александра Димитриева.

Според СЈО, обвинетите во 2011 сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на нивниот политички противник Фијат Цаноски. Обвинителите истакнаа дека обвинението ќе го докажат преку собраните материјали и докази, како и сведочења на лица и вештаци. Според СЈО, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а доплнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.

Поврзани новости