Обвинетите во „Ровер“ се држат во притвор, иако помина законскиот лимит од две години!

by fokus 15:05
15:05

Обвинетите во случајот „Ровер“, веќе три дена незаконски се држат во притвор, бидејќи зад решетки веќе го поминаа максималниот дозволен период од две години, обвинуваат адвокатите. Поточно, според Законот за Кривична постапка, обвинетите во притвор смеат да се задржат максимум две години од подигнување на обвинителниот акт. Обвинението за „Ровер“, за ликвидацијата на Марјан Тушевски и Киро Јанев, беше подигнато на 12 октомври 2012 година, а овој рок истече пред три дена, по што обвинетите Зоран Трајковски и Гоце Митревски требаше да бидат пуштени да се бранат од слобода.

Но, по се изгледа, сите во судот различно го толкуваат законот, бидејќи на последното рочиште на „Ровер“, речиси еден час се расправаше кој е надлежен да пресмета дали поминале две години и од кога важат роковите. По расправата се одлучи предметот да му се даде на Кривичниот совет. Од таму, пак, вчера решиле дека обвинетите треба да останат во притвор, бидејќи тие решение за продолжување донеле на 22 септември, а решението било обжалено на Апелација. Па, отука тие се дистанцираат дека не можат да носта ново решение., и упатуваат на одговор од Апелациониот суд.

Аргументот, пак, дека поминал законскиот рок од две години, од Кривичниот совет го оспоруваат со образложението, дека во овие две години не влегува притворот кој обвинетите го поминале откако заврши главниот претрес па се до решението на Апелација. Според Кривичниот совет, овој притвор бил изречен врз основа на член 371 став 7, во кој што се наведува дека: „Притворот што е определен или продолжен според одредбите на овој член, може да трае до започнување со издржување на казната, односно до правосилноста на пресудата, но најдолго додека не истече времето на траење на изречената казна затвор“.

- Advertising -

Адвокатите коментираат дека овој аргумет е неиздржан, додавајќи дека тенденцијата обвинетите да се задржат во притвор по секоја цена, е повеќе од јасна. Тие ќе го почекаат и одговорот од Апелација, па ќе излезат со конкретни забелешки.

Повеќе од две години зад решетки се и обвинетите Ивица Ристиќ и Сашо Јовановски, но на нив во тие две години не им се сметаат околу 4-5 месеци, бидејќи кога ја слушнаа првостепената пресуда побараа да им се укине притворот и да се пренесат на издржување казна затвор.

Но по неколку месеци Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда и го врати процесот отпочеток. Тоа значеше и ново определување притвор за двајцата.

Љубе Бошкоски пак, екс- министерот, казнет првично со 12 години затвор, не може да излезе затоа што ја издржува затворската казна за досието „Кампања“.

На 5 ноември се закажани завршните зборови на обвинителката и обвинетите, по што ќе следува пресуда за „Ровер“.

Според првостепената пресуда, која падна на Апелација, Бошкоски беше осуден на 12 години затвор, две години помалку доби Зоран Трајковски, по осум години добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по шест Гоце Митревски и Никола Негриевски.

Според пресудата на Кривичниот суд, Бошкоски, како тогашен министер за внатрешни работи, наводно му дал зелено светло на Орце Коруновски за убиството на Тушевски и Јанев. Наводно ветил дека нема нема да поведе истрага за убиството, и ќе им помогне на извршителите да избегаат. Но, овие тврдења паднаа во вода, откако Апелација одлучи дека првостепената пресуда е нејасна, односно дека судот не утврдил умисла кај обвинетите, а ниту пак презентирал доволно докази.

 

 

Поврзани новости