Обвинение за Тони Јакимовски и уште тројца вработени во УБК за проневера на 825.000 евра од „спец касата“

by fokus

Против четворица поранешни вработени во УБК, Тони Јакимовски, Петре Пешовски, Стево Маџовски и Кристина Јосифовска, Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинение за злоупотребени пари од речиси 1 милион евра.

Овие пари за кои постои сомнеж дека биле проневерни биле дел од таканаречената „Спец каса“ на УБК во која, според наши информации, имало пари кои се давале за оперативни акции, што може да подразбира и плаќање на соработници и доушници на УБК.

Соопштението на обвинителството во целост:
По сеопфатна истражна постапка отворена во март годинава, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе Обвинителен акт против четири лица, македонски државјани. На тројца обвинети им се става на товар дека со извршените дејствија сториле по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, а едно лице е обвинето за помагање во извршувањето на истото кривично дело.
Обвинетите, како службени лица вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, во временскиот период од 25.01.2007 година до 30.05.2017 година, постапиле спротивно на чл.7 ст.1 и чл.12 од „Упатството за користење на средства за посебна намена на УБК“. Во наведениот временски период, во вкупно 172 наврати за потребите на касата за исплата на средствата за посебни намени на УБК, од Одделот за финансии при Министерството за внатрешни работи, подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале. Притоа, без да имаат посебно одобрение од Директорот на Управата, без да биде формирана Комисија за ништење на материјална документација и без записници, ги уништиле евиденциите за потрошените средства заедно со документацијата за исплата – „Главните книги за евиденција“.

Со ваквите дејствија предизвикале штета на Буџетот на државата во вкупен износ од 50.670.000,00 денари.

Поради постоење на основано сомневање дека доколку обвинетите се пуштат да се бранат од слобода може да се дадат во бегство, односно нема да бидат достапни на органите на прогон, особено ако се земе предвид кривичното дело што им се става на товар, надлежниот обвинител заедно со обвинителниот акт, достави и Посебен предлог мерката притвор определена од судија на претходна постапка да се продолжи против тројца обвинети, се вели во соопштението на Обвинителството.

Поврзани новости