Обвинение за таткото на загинатата Јелена за нарачка на тројно убиство

by fokus

Кумановското обвинителство поднесе обвинение против таткото на Јелена Филиповиќ, која загина во сообраќајна несреќа на 17-годишна возраст. Тој е обвинет за нарачка на убиство, односно се товари дека со умисла поттикнувал двајца оштетени да лишат од живот три лица.

– Поттикнувањето го вршел заради безобзирна одмазда на смртта на неговата ќерка, која загинала во сообраќајна незгода превезувајќи се во возило како сопатник. Убиството кое обвинетиот го нарачувал, требало да биде извршено врз две лица кои во моментот на несреќата биле заедно со неговата ќерка во возилото, како возач и сопатник, како и врз таткото на возачот, се вели во соопштението од Обвинителствот.

Обвинетиот, како што информираат од Обвинителството, за да го изврши делото, искористил претходен долг на парични средства кои тој му ги позајмил на еден од пријавителите, оштетен во предметот.

-Имено, обвинетиот му позајмил 50.000 евра на оштетениот, на која сума постојано засметувал камата, со што го зголемувал долгот до сума од 80.000 евра. Искористувајќи го фактот дека оштетениот му должи пари, обвинетиот во периодот од април до август 2021 година, на различни локации во Куманово, на оштетениот, а потоа и на друго лице, исто така оштетен, им предложил, наместо да му се врати дологот од 80.000 евра, тој долг да го прости, а воедно да им додаде уште 40.000 евра. За возврат, побарал од оштетените да им го одземат животот на трите лица. Откако увидел дека не постапуваат по договореното, обвинетиот неколкупати, покрај понудените парични средства за да ги извршат бараните убиства, започнал да им се заканува на оштетените по нивните, како и по животот и телото на членовите на нивните семејства. Оштетените одбиле да ги извршат убиствата и случајот го пријавиле во полиција, се вели во соопштението од ЈОРСМ.

Обвинителството, се вели во соопштението, предлагајќи продолжување на притворот за обвинетиот, особено ценеше дека е оправадан стравот од можност за бегство надвор од државата или пак плаќање за продолжување и реализирање на претходните планови и преку можни трети лица.

Неодамна пак на казна затвор до 7 години и 6 месеци беше осуден кумановецот Никола Стефановски, возачот кој беше обвинет за тешки дела против безбедноста во сообраќајот со смртни последици, за сообраќајна несреќа во која загина малолетната кумановка Јелена Филиповиќ.

Поврзани новости