Обвинение за дадилка која тепала тригодишни близначиња, децата со рацете си ја штителе главата

by fokus

Обвинителството поднесе обвинение против дадилка од Скопје која била ангажирана за чување на две деца од три годишна возраст.

-Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за кривично дело – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.

Во првата половина од ноември 2019 година обвинетата била ангажирана како негувателка на две деца на возраст од три години. Но, додека родителите биле на работа, таа постојано им викала на децата без причина, ги навредувала и физички ги напаѓала, удирајќи ги со рака по главата и кубејќи ги за косата. Со цел да се заштитат од неа, во моментите кога им се приближувала негувателката, децата заземале одбранбено движење со кревање на рацете кон главата.

Мајката на децата во домот поставила безбедносни камери и при прегледот на видео записот го забележала малтретирањето и однесувањето кон децата.

Надлежниот јавен обвинител оцени дека постои опасност од бегство и можност обвинетата да продолжи со извршување на кривичното дело, односно да работи иста или слична работа, со што и други деца би биле доведени во ризик. Од тие причини, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднесе и предлог за продолжување на определената мерка куќен притвор за обвинетото лице, информираат од Обвинителството.

Поврзани новости