ОБСЕ/ОДИХР: Јанкулоска требаше да отстапи од МВР додека беше во кампања

by lali 18:05
18:05

Зборовите „фер“ и „демократски“ изостануваат од извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за вчерашните избори во Македонија. Многуте жители заведени на иста адреса, тенката линија меѓу државата и партијата, пристрасните медиуми кон власта и избирачкиот список се само дел од забелешките од извештајот на меѓународната набљудувачка мисија за изборите.

ОБСЕ/ОДИХР го издвојува случајот со министерката Гордана Јанкулоска која не ја ставила својата министерска функција во мирување додека траела кампањата.

- Advertising -
"

„Не постои законско барање министрите и останатите државни службеници привремено да се повлечат од функцијата додека се кандидати во изборна трка, што доведе до злоупотреба на државните ресурси и конфликт на интереси меѓу службените активности на министрите и нивната улога на кандидати. Како исклучок, членот 9 од Изборниот законик предвидува од моментот кога ќе бидат утврдени како кандидати, на “овластените службени лица” во МВР и Министерството за одбрана владините обврски привремено да им мируваат. Оваа одредба има за цел да спречи злоупотреба на државни ресурси и да го избегне конфликтот на интересите кои се вградени во двојната улога на службено лице кое е вработено во клучно министерство и е кандидат во текот на изборниот период. Оваа одредба посебно важи за Министерот за внатрешни работи кој има овластувања врз клучни аспекти од изборниот процес. И покрај таквата законска одредба, Министерот за внатрешни работи не се повлече од функцијата и покрај тоа што беше кандидат во изборната трка“, стои во извештајот.

Меѓународната мисија го покренува и прашањето за точноста на избирачкиот список, со оглед на информациите дека има многу регистрирани гласачи на иста адреса.

„Прашањето на  загриженост во однос на точноста на избирачкиот список, а посебно во однос на големиот број на гласачи кои живеат на иста адреса беше покренато од страна на одреден број на соговорници на меѓународната набљудувачка мисија за изборите. МВР, кое води евиденција за населението, изјави дека не е во негова надлежност да ги проверува таквите наводи. Законските одредби кои на политичките партии им овозможуваат да ги оспорат податоците кои се однесуваат на гласачите во избирачкиот список се нејасни и нејасно утврдуваат  која агенција е одговорна за спроведување на истрагата. Ова го поткопа соодветното спроведување“, се вели во извештајот.

ОБСЕ регистрира и заплашување на гласачите во текот на кампањата, а го констатира и притисокот врз албанските гласачи.

„Албанската партија во владата продолжи да ги бојкотира претседателските избори и изврши прекумерен притисок врз етничко албанските гласачи да не го земаат гласачкото ливче за претседател. Користењето на видливо мастило за обележување на гласачите дополнително го зголеми притисокот врз етничко албанските граѓани со оглед на тоа што нивната одлука да гласаат или да не гласаат беше видлива“, констатираат меѓународните набљудувачи.

Во извештајот на меѓународните набљудувачи повторно се евидентира пристрасноста на медиумите во полза на владејачката ВМРO-ДМНЕ. Посочени се МРТВ, Алфа и Сител како медиуми кои повеќе време посветиле на активностите на ВМРО-ДПМНЕ во позитивен контекст, а опозицијата била споменувана во негативен контекст. Телевизиите Телма и 24 Вести се посочени дека за кампањата известувале неутрално.

„Медиумите често потфрлаа во разграничувањето помеѓу медиумското известување за службените лица во нивно својство на министри и кандидати“, стои во извештајот.

 

Поврзани новости