ОБСЕ/ОДИХР: Добро организирани и мирни локални избори

by Fokus

Локалните избори во Република Македонија беа конкурентни, темелните слободи почитувани и покрај кредибилни наводи за прекршоци, соопштија на денешната прес-конференција меѓународните набљудувачи од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и од делегацијата на Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа.

„Одржувањето на локалните избори на 15 октомври во ПЈР Македонија придонесе кон зајакнување на довербата во демократскиот процес. Изборите се одржаа во конкурентно опкружување каде кандидатите генерално можеа да водат кампања без ограничувања, а темелните слободи на здружување и изразување беа севкупно почитувани. Некои кредибилни наводи за купување гласови, притисок врз гласачите и изолирани случаи на насилство се случија во предизборниот период. Мониторираните медиуми понудија непристрасно покривање на натпреварувачите и ја потпомогнаа можноста за политичка дебата. Иако беа воочени некои процедурални нерегуларности, изборниот ден главно протече уредно“, наведоа набљудувачите во нивната прелиминарна изјава за изборите.

Карим Ван Овермеире, шеф на делегацијата од Конгресот на локални и регионални власти при СЕ, истакна дека вчерашните избори беа добро организирани, севкупно мирни и генерално во согласност со меѓународните стандарди.

– Се надеваме дека ова ќе биде придонес за натамошен одржлив развој на локално ниво за да се подобрат животните услови за сите граѓани – рече Ван Овермеире.

Одри Гловер, шеф на мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР, истакна дека иако процесот се уште не е завршен, на овие избори е забележан напредок во демократскиот процес во земјата и оти довербата на гласачите во изборниот процес расте.

– Се надеваме дека ова ќе продолжи и во вториот круг – рече амбасадорката Гловер.

За тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ за изборни нерегуларности, претставниците на ОБСЕ/ОДИХР и на Советот на Европа со став дека избори без неправилности се невозможни. Сепак, тие сметаат дека севкупната слика покажува дека ова беа добро организирани и мирни избори.

Поврзани новости