ОБСЕ: Изборите поминаа добро, државата мора сама да ги решава проблемите

by fokus 17:35
17:35

Изборниот ден главно помина добро, а доколку има поплаки, инстутициите и државата треба да се справат со нив, изјави специјалниот претставник на ОБСЕ, Роберто Батели, при презентирањето на првичните наоди за текот на изборниот процес, јави Мета.

Во заедничкиот заклучок на меѓународните набљудувачи се истакнува дека граѓаните ја сфатиле важноста и улогата на изборите, а политичарите сега треба да ја искористат можноста за да се справат со политичката криза.

- Advertisements -

Странските претставници очекуваат новата влада да ги спроведе реформите во институциите и да продолжи да ги спроведува исправките на избирачкиот спиосок, кај кој се забележани недостатоци.

Во заклучоците од изборниот процес се наведува дека ДИК не успеала да ги запази сите рокови и да ги спроведе сите неопходни промени поради што се регистрирани случаи на лица кои се избришани од избирачкиот список.

Во извештајот се наведува загриженоста од случувањата од последната недела од изборниот процес, кога се регистрирани заплашувања и вршење притисоци врз граѓани и претставници на јавната администрација. Ваквата појава мора целосно да се искорени бидејќи е неприфатлива, сметаат набљудувачите.

– По изборите, Македонија се наоѓа на крстопат кој отвора можност за нормализирање на политичкиот живот. Политичарите мора да ги спроведат препораките од ЕУ за да се вратат на патот кон евроинтеграциите – изјави Штефан Шенан.

Тој истакна дека меѓуетничката поделба во изминатиот период е намалена, а тоа можело да се забележи од минатогодишните протести кои биле меѓуетнички и покажале што може да се постигне ако се работи заедно.

Во извештајот, исто така, се наведува дека новата влада ќе мора да продолжи да работи за реформи за независност на медиумите и на судството, како и за одвојување на центрите на моќта.

На новинарско прашање како реално ги оценуваат изборите поради различните извештаи на партиите, Батели рече дека изборите поминале добро, но дека државата мора да ги зајакне институциите и сама да ги решава проблемите, а не постојано да бара помош од странство во решавање на внатрешните кризи и проблеми.

Поврзани новости