Објектот на казиното „Плеј 4 Вин“ го реиздава израелско-косовска фирма, која води до странските политички консултанти!

Тетовската „Гаминг Професионал“, во чија сопственост е казиното „Плеј 4 Вин“, го изнајмила објектот во Визбегово од „КСНМ Тецхнологиес“ на косовскиот државјанин Астрит Красниќи и Израелецот Јаков Сиван (партнер во „Вју Тек“ прво со Пулер, а сега со Ерез), која ја заштитила трговската марка „Плеј 4 Вин“ и регистрирала и подружница за угостителство со истиот назив, објави „Фокус“.

by Фокус

Објектот каде е сместено казиното „Плеј 4 Вин“ во Визбегово, кадешто се регистрирани компании поврзани со австриски и израелски политички консултанти, кои работеле партиски и владини кампањи и во земјава, го закупила и потоа го издала израелско-косовска фирма, пишува последниот број на неделникот „Фокус“.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Како што претходно објавивме, на иста адреса каде е лоцирано ова казино регистрирана е компанијата стара неколку месеци – „ТЦ Тецхнологиес“ на Тал Силберстеин од Израел, кој веќе пишувавме дека беше обвинуван дека е креатор на црна и валкана кампања во Австрија, а во матичната држава беше гонет за перење пари.

Во меѓувреме, се појави една заедничка фотографија меѓу Силберстеин и поранешниот македонски премиер Зоран Заев. Исклучително е интересен начинот на кој се случи тоа, ако се знае дека се работи за фотографија што самиот Заев им ја пратил на познатите руски комичари или измамници, кои го увериле дека разговара со поранешниот украински претседател Петро Порошенко.

Воедно, на иста адреса со „Плеј 4 Вин“ е регистрирана и компанијата за „издавање на останата програмска опрема“ „Вју Тек“, која првично во 2021 година била основана од Австриецот Петер Пулер, кој соработувал со Силберстеин, а давал услуги и во земјава.

За него може да се прочита дека е австриски новинар и консултант за односи со јавност, кој работел за повеќе „страни“ во Австрија, но и во странство. Во тој правец, запишано е дека во 2018 година ја водел и кампањата на Заев, што одговара на периодот кога се спроведуваше референдумот за Преспанскиот договор.

Арно ама, во текот на 2021 година Пулер излегува од „Вју Тек“, па денес оваа компанија, која за 2 години бележи голем раст и работи профитабилно, е во сопственост на двајца Израелци. Еден од нив е Зив Ерез, добро познато име од областа на политичкиот маркетинг и консалтинг.

Тој ја поседува компанијата со седиште во Израел „ЗигзаГ Медиа“. На неговиот сајт пишува дека Ерез е еден од лидерите на индустријата за дигитален маркетинг, како професионалец за креирање стратегии. Навел дека водел повеќе од 20 политички кампањи ширум светот.

На списокот е наведена и Македонија, каде Ерез работел на парламентарните избори во 2020 година и на локалните избори следната 2021 година. Од причина што тој не открил за кои клиенти работел на двата изборни циклуси, одговор побаравме од неговата „ЗигзаГ Медиа“.

Сепак, не го добивме, со образложение дека тоа е деловна тајна. Се обративме и до ДУИ, имајќи во предвид дека опозицијата говори за странска ПР-агенција и за Израелец што тера ПР на ДУИ, но и од таму не добивме одговор.

Во текот на изминатите неколку години, обезбедивме и консултантски услуги на неколку деловни и политички клиенти во Северна Македонија. Поради природата на нашата работа, ние сме обврзани со договори за необјавување како стандарден дел од сите наши договори и затоа не сме во можност ниту да ги откриеме нашите клиенти ниту да коментираме барања во врска со односите со нашите клиенти“, ни одговорија од компанијата на Ерез.

Моментално, партнер на Ерез во „Вју Тек“ е Јаков Сиван, кој во земјава поседува уште една компанија. Тоа е друштвото „КСНМ Тецхнологиес“, основано на самиот крај на 2019 година за „управување со недвижен имот со хонорар или врз база на договор“. Покрај тоа, „КСНМ“ има уште еден содружник од Косово.

Се работи за Астрит Красниќи, кој бил дел од бизнисот со игри на среќа во родната земја, во време кога тоа сѐ уште го допушташе законската регулатива. Притоа, може да се пронајдат написи дека човек со исто име и презиме и неговиот брат биле опфатени со истрага и кривична пријава за лихварска измама.

Официјално, „Плеј 4 Вин“ е во сопственост на „Гаминг Професионал“, основана на почетокот на 2015 година, со седиште во Тетово од страна на Владимир Пауновски, која во 2020 година ја добила втората 6-годишна лиценца за приредување на игри на среќа.

„Гаминг Професионал“ работи на нашиот пазар од 2015 година и има вкупно 12 деловни единици низ целата држава, меѓу кои и деловната единица казино „Стар“ во Визбегово. Во склоп на објектот во Визбегово, има и деловен простор со канцеларии каде што работат повеќе фирми, ние соработуваме со „КСНМ“ од кои го изнајмуваме објектот“, ни одговорија од „Гаминг Професионал“.

Податоците што ги обезбедивме од Катастарот на недвижности, пак, откриваат дека сопственици на имотот во Визбегово, каде што се наоѓа „Плеј 4 Вин“, е на сосема други лица и субјекти. Имено, објектот е сместен на катастарска парцела 964/2 со површина, која изнесува 1.600 квадратни метри, каде што се изградени 2 споени објекти.

Како сопственици на земјиштето запишани се државата и една приватна компанија – „Глобал Импацт“, која ги продала објектите. Едниот од нив е со намена за Г4-1 – стоваришта за складирање на стока, додека другиот, поголемиот, каде е сместено казиното „Плеј 4 Вин“, е со намена Б1-17 – други мали комерцијални и деловни единици. И двата се во сопственост на „РГ Констракшн Гроуп“.

Врз основа на тоа, може да се заклучи дека „КСНМ Тецхнологиес“ на Сиван и Красниќи го изнајмува просторот каде што е сместено казиното „Плеј 4 Вин“ од „РГ Констракшн“, а потоа и го издава под закуп на „Гаминг Професионал“. Тоа во центарот на оваа мрежа ја става компанијата со „КСНМ“, каде што еден од содружниците е партнер во друга компанија („Вју Тек“) со Ерез, кој работел како политички консултант во земјава.

Историјатот на промени на „КСНМ Тецхнологиес“ со кој располагаме покажува дека Красниќи е управител на друштвото, но кон средината на 2021 година се прави промена на имејл-адресата за официјална кореспонденција, така што се внесува имејлот на Моника Ангеловска, која истовремено е и управителка на „Вју Тек“, компанија основана од Пулер и Сиван, а денес во сопственост на Сиван и Ерез.

Во рамки на „КСНМ Тецхологиес“, во 2020 година е основана и подружница со назив „Плеј 4 Вин“ Кафе – Скопје“, која се однесува за „подготовка и послужување пијалаци“. Тоа значи дека делот за угостителство во рамки на казиното „Плеј 4 Вин“, кое се води на „Гаминг Професионал“, формално е под надлежност на „КСНМ“.

Понатаму, Државниот завод за индустриска сопственост, во гласникот што излегол на крајот на истата 2020 година, во делот за признаени права за трговски марки го објавува црвено-црното лого на казиното „Плеј 4 Вин“, кое стои веднаш до написот „Казино Стар“. Фактички, произлегува дека логото го заштитила „КСНМ Тецхнологиес“, а не сопственикот на казиното која од нив го закупила просторот – „Гаминг Професионал“.

Дополнително, на официјалната интернет-страна на „Плеј 4 Вин“ може да се прочита дека нуди информации и рекламира 2 казина. Едното е веќе споменатото казино во скопско Визбегово, каде што се регистрирани многу други фирми, а другото е во Тетово.

За двете казина се наведува дека се основани во 2020 година и располагаат со 200 машини. Меѓутоа, нема ниту збор за останатите 10 казина, кои формално функционираат под капата на „Гаминг Професионал“ која прво била лиценцирана во 2015, а потоа и во 2020 година.

До „КСНМ“ прашавме под какви услови го изнајмиле и издале објектот во Визбегово, како дошло до соработката меѓу Сиван и Красниќи и со што се занимаваат тие во матичните држави? Меѓутоа, одговори не добивме.

Како консултанти од Израел и Австрија, кои терале партиска и владина кампања, се „вдомиле“ во профитабилно казино во Визбегово?

 

Каков беграунд имаат политичките консултанти од Израел и Австрија кои сместиле бизнис во казино во Визбегово?

 

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости