Објавена програмата за годинашното КОВИД-издание на Струмичкиот карневал

by Fokus

Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал денеска соопшти дека донел одлука на симболичен начин да ги одбележи годинашните карневалски празнувања со мерки и активности во рамките на протоколите за заштита од Ковид-19.

Одбележувањата почнуваат на 10 овој месец со девет дневна изложба на отворено „Струмички карневал“ на плоштадот „Гоце Делчев“ и булеварот „Маршал Тито“, а излозите на продавниците ќе бидат уредени во духот на карневалот.

Наредниот ден Библиотеката „Благој Мучето“ ќе ги додели наградите од Традиционалниот литературен конкурс на тема ,,Карневалска магија“, додека на 12 март ќе биде подигнато знамето на Струмичкиот карневал и ќе се отвори ретроспективната изложба на фотографии од карневалот.

На 16 овој месец ќе бидат соопштени најуспешните автори на карикатури и афоризми од годинашниот Меѓународен фестивал на карикатура и афоризам на тема карневал и еротика.

Следниот ден е резервиран за Тримерскиот ручек, а во рамки на карневалските денови во програмата на Телевизијата „ВИС“ ќе гостуваат карневалски групи и ќе се емитуваат содржини посветени на Струмичкиот карневал.

Во денешното соопштение на Организацискиот одбор стои дека тој се оградува од секакво оранизирање на забави и спонтан настап на поединци и групи за време на традиционалниот детски карневал по повод Прочка и традиционалниот Струмички карневал во рамките на Тримерските празнувања и апелира до сите оние кои планираат да го сторат тоа да ги почитуваат протоколите за заштита од Ковид-19.

Поврзани новости