Објавена листата на музичари кои добиле помош, оние кои не добиле реагираат: Со здравје да си ги трошите, ама парите не ги заслуживте!

by fokus

Незадоволни естрадни уметници од земјава, деновиве на своите социјални профили ја споделуваат листата со имиња на нивни колеги, за кои тврдат дека добиле државна помош поради корона кризата, и обвинуваат дека многу од субвенционираните не требало да добијат ниту денар, биејќи не се социјално загрозени.

Станува збор за финансиската помош во износ од 29.000 денари, односно по 14.500 денари за месец април и мај, која Владата им ја додели на музичари, за кои комисија проценила дека се во незавидна состојба.

Оние кои најбурно реагираат, најчесто се дел од свадбарската индустрија, која е најпогодена од кризата, бидејќи семејните веселби се забранија помеѓу првите. Обвинуваат дека финансиска помош им се доделила на музичари кои пред кризата имале голем број на настапи и турнеји кај нашата дијаспора, и како не се во незавидна состојба. Некои од нив и сега настапувале во локали, според новите протоколи, а оние на кои помошта им била најпотребна, останале без денар целиот овој период.

На листата има голем број на имиња од фолк, а помалку од поп естрадата.
Ѓоко Танески, Димитар Андоновски, Александра Јанева, Ивица Брчиоски (Ареа) од забавната сцена, а пак од фолкерите, можат да се прочитаат имиња на повеќе музички ѕвезди – Сузана Гавазова, Анета Наковска, Благица Павловска, Ирена Спасовска, Вики Среброва и нејзиниот син Нико Сребров, Цане Петров, Горан Кукиќ, Златко и Влатко Миладиноски, синот на Војо Стојаноски, Дамјан, Татијана Стефановска ( Бежаноска), Цане Петров, Ани Малинкова и други.

-На социјалните профили, не секоја фотографија покажуваат луксуз, срамота е што аплицираа за државна помош. Таа помош требаше да биде наменета за оние кои едвај преживуваат. Со здравје да си ги трошите парите, ама не ви се заслужени – коментираат нивни колеги, незадоволни од распределбата на средствата.

Минатиот месец, во разговор за ,,Фокус”, музичарот Горјан Стојановски, кој е на чело на ,,Здружение на естрадни уметници” ни раскажа дека е свесен за незадоволството на голем дел од музичката фела. Појасни дека првично, од Владата планирале да доделат субвенции на 40 музичари, но по нивните реакции листата се зголемила на околу 60 музичари.

-Околу 400 писма со барање на финансиска помош од музичари пристигнале до Владата, но дури половина од нив не биле со комплетна документација. Погрешни трансакциски сметки, сметки на име на членови на нивната фамилија, недоставен еден од двата документи, барање или изјава, низа на неправилности – откри Стојановски.

Тој исто така додаде дека во план е ново барање до Владата за помош на естрадните уметници, но не прецизираше за какво точно барање станува збор.

На крајот на месец август Владата донесе измени во врска со забраната за организирање на музички настапи. Се дозволи да се одржуваат настапи во живо во отворени затворени делови на угостителските објекти, а уметниците кои треба да се во состав најмногу до пет члена, да се на бина која е на пет метри оддалечена од првите маси.

Актуелна е забрана за играње, како и забраната за организирање на прослави во отворениот и затворениот дел на објектот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости