Објавен оглас за шеф на Организиран, гласањето на 7 ноември

by fokus

Советот на јавните обвинители објави оглас за избор на обвинители во повеќе обвинителства како и Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Ова е прв ваков избор по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66 Основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во Република Северна Македонија.

Како што информира за МИА претседателот на Советот на ЈО Антонио Јолевски, на 7 ноември обвинителите ќе гласаат, по што се доствавуваат резултатите, а Советот во рок од седум дена по гласањето треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување на јавниот обвинител што добил најмногу гласови од листата на пријавени кандидати.

Мандатот на суспендираната шефица на ОЈО ГОКК Вилма Русковска трае до 14-ти ноември, а за нејзина времена замена на 29 август беше назначен обвинителот Трајче Пеливанов.

Со одлука на републичкиот јавен обвинител врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, минатиот месец донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против неа, а по претресот во Управата за финансиска полиција од страна на ОЈО ГОКК.

Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години, од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.

Советот на ЈО објави оглас за избор и на јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Гостивар, Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Битола, Основното јавно обвинителство Кавадарци, Основното јавно обвинителство Куманово, Основното јавно обвинителство Гостивар и Основното јавно обвинителство Велес.

Поврзани новости